Македонија
Мицкоски: Владата одзеде две лиценци на компании за игри на среќа тесно поврзани со претходната власт, кои работеле незаконски и не плаќале данок
„Имаме два случаи за одземање на лиценци за игри на среќа едната е од Струмица, другата е од Скопје, не ги уплаќале даноците редовно, работеле незаконски би рекол, врз основа на мислењето коешто го добив под надлежните институции. Но ова не е сѐ. На седницата на Владата беше прифатено практично толкувањето на Законот во коешто е констатирано дека од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа“, изјави премиерот Мицкоски.
„Има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски подвлече дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.
„Тоа е сѐ предадено до истражни органи и очекувам надлежните истражни органи многу скоро да излезат со став врз основа на овие индиции коишто ги констатираше Владата“, истакна премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка.
Сите патни правци во државата се проодни, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

