Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи дополнителни национални отстапки со Бугарија
Ако оптимизмот на Пендаровски се должи на дополнителни национални отстапки со Бугарија, ги предупредувам и него и Заев дека ВМРО-ДПМНЕ таква работа нема да поддржи и веднаш по формирањето на новата влада тој договор ќе биде напуштен, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во Охрид на настан кој го организираше неговата партија заедно со фондацијата „Конрад Аденауер“.
Мицкоски очекува по враќањето на претседателот Стево Пендаровски од Рим, во духот на добрите односи, како што рече, да биде повикан и информиран за разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и на што се должи оптимизмот.
„Ако оптимизмот се должи на дополнителни национални отстапки, тогаш мојата порака и до Пендаровски и до Заев и до останатите политичари е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи и да не им паѓа на памет ниту една реченица која може да биде сфатена двосмислено, а која ќе значи национални отстапки и национални концесии за македонскиот народ и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ таквиот договор нема да го поддржи и веднаш по формирањето на новата влада таков договор нема намера да почитува. Ги предупредувам политичарите кои преговараат за дополнителни отстапки на грбот на македонскиот народ и држава ние немаме намера да ги поддржиме и по промена на власт таквиот договор ќе биде напуштен“, потенцира Мицкоски.
„Не го разбирам потегот на водството на претходната бугарска влада да ја блокира Македонија, притоа поставувајќи услови кои во најголем дел се однесуваат на 19 век и немаат никаква врска со европските вредности и со иднината на двете држави, на Македонија и Бугарија. Никогаш не можев да помислам дека некој некого може да блокира поради прашања кои се од 19 век, а ние се бориме за 21-ви век. Еве денеска и утре ќе зборуваме за дигитализација, за животна средина, за вештачка интелигенција, за роботика. Јас навистина сум шокиран од тоа што и се случува на Македонија и тоа од соседот кој треба да е наш најголем поддржувач“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

