Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи за промена на Уставот под овие околности и со овој бугарски диктат
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната трибина во Делчево истакна дека повеќе од 80 проценти од македонскиот народ е против прифаќање на бугарскиот диктат, како и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи за промена на Уставот под овие околности и диктат и тоа нема да се случи ни сега ни во иднина.
– Зарем, да се оди наспроти огромното мнозинство. Не е визионерство да се гази по мислењето на народот, туку да се води политика во насока на ставовите и гласот на народот. Во последно време, ја слушам тезата која произлегува од кујните на власта, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржело измени на Уставот, ќе го прифателе истото ова што се нуди сега по падот на оваа влада. Прво, мило ми е што и самите признаваат и очекуваат дека ќе се смени власта, второ, треба да знаат дека сега и било кога потоа, овој или било кој мандат потоа, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, ниту јас ќе се согласиме на промена на Уставот под овие околности и со овој бугарски диктат, потенцираше Мицкоски.
Тој нагласи дека треба да се слушне гласот на народот и еднаш да се уважат пораките на опозицијата, дека мора се земат во предвид и нашите забелешки и нашите уважувања.
– Колку предлози трeба да дадеме за да конечно сфатат, дека во оваа држава, во оваа наша Македонија има опозиција која е поодговорна од власта и дека нудевме план за излез од слепата улица? Им нудевме тимови за соработка, заедно да изградиме позиции спрема Софија, им нудевме хрватски предлог кој самите во прво време го користеа како аргумент, потоа го одбија, им понудивме и план во три точки за гаранција на македонскиот идентитет, да се бориме за придобивки на целата држава. Се беше одбиено, а власта ја убедуваше меѓународната заедница дека може да им испорачаат уставни измени, за какви немаат ниту поддршка во самата партија СДС, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Ковачевски сериозно штети на Македонија и скршнува дури и од патеките на својата партија.
– Има една сурова вистина на граница на виц, кој станува црн хумор на штета на македонскиот народ. Кој е тој премиер што се колне во Југославија, работи за Бугарија, а краде со Али Ахмети, Демократската унија за интеграција? Колку да изгледа смешно сепак е болна реалност. Само Македонија и народот ги нема во оваа формула на Ковачевски, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

