Македонија
Мицкоски: Во периодот кој што следи очекувам зголемување на економската соработка и трговска размена со Хрватска
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува во следниот период Македонија и Хрватска да ги надградуваат братските односи, особено во делот на трговската размена.
„Најпрвин голем поздрав до нашите гледачи, до Македонија, до македонските граѓани од овде од Загреб. Денеска е втор ден од мојата прва билатерална посета, прва билатерална посета веднаш овде во Загреб. Можам да кажам дека пречекот од страна на домаќините беше исклучително на високо ниво, повеќе од пријателски би рекол и двете држави имаат исклучително добри, пријателски, би рекол братски односи. Во периодот којшто следи истите и ќе ги надградуваме уште повеќе и уште повеќе, мислам дека има простор да се надградуваат, посебно во делот на трговската размена којашто е сега некаде над 300 милиони долари годишно, ценам дека може да биде барем најмалку двапати поголема.
Тоа го кажав и на прес конференцијата зошто македонските и хрватските компании заеднички да не настапуваат на трети пазари и тоа е мислам добра можност и на тој начин ќе имаме уште поголемо поврзување помеѓу двете држави.
Исклучително ја ценам поддршката којашто Хрватска, хрватската Влада, но и претседателот на Хрватска ја даваат на Македонија и македонските граѓани и силно ја поздравувам онаа порака којашто двајцата државници и Андреј Пленковиќ и претседателот Милановиќ упатија, а тоа е дека македонските граѓани направија премногу, како ниту едни граѓани во Европа, во името на реализирање на нашата втора стратешка цел а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ дека на тој пат досега направивме премногу отстапки и дека сега е конечно време сето тоа да се забрза сето тоа да се динамизира за да можеме да не бидеме жртви на непринципиелни барања и препреки, коишто изминативе скоро две и пол децении откако беше потпишан оној Договор за стабилизација и асоцијација ни се случуваа“, посочи Мицкоски и додаде:
„Кога еднашка исклучокот станува пракса тогаш тоа е проблем и за самата ЕУ. Јас очекувам да сите наши пријатели во рамките на ЕУ конечно разговараат со сите оние коишто поставуваат непринципиелни препреки да можеме да го отпочнеме процесот на преговори, тогаш веќе зависи од нас и нашите капацитети, колку сме ние подготвени за да одговориме позитивно на тие предизвици и да го забрзаме или забавивме тој преговарачки процес до полноправно членство во рамките на ЕУ.
Се на се да сумирам, исклучително пријателска посета, благодарност до домаќините, до мојот драг пријател, примерот на Хрватска Андреј Пленковиќ на исклучително високото гостопримство од претседателот на хрватскиот Сабор, од хрватскиот претседател и навистина вчера и денеска овде во Загреб се чувствуваме како дома“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.

