Македонија
Мицкоски: Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред, да и кажеме не, на власта која не турка надолу
Претседатeлот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„23 Октомври е датум кој во нашата колективна меморија е врежан како датум кога за прв пат македонскиот народ се организирал во организација за борба за слободна и независна држава.
Формирањето на МРО, кое подоцна ќе прерасне и во народот ќе остане запаметено како ВМРО е симболот на пркос на Македонецот, воден од желбата за подобро утре“, вели Мицкоски.
„И денес, како и тогаш на тој 23 октомври 1893 година ни е потребен тој пркос и желба за подобро утре, зошто политиките на власта удираат по темелите на општеството, ја разјадуваат државата и ги бркаат луѓето од своите домови во странство.
Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред, да и кажеме не, на власта која не турка надолу, и да го реализираме сонот за просперитетна држава.
Ако на основачите на ВМРО им било важно формирање на Македонска држава. На нас нивните следбеници важно ни е Македонија да биде просперитетна држава, каде ќе владее правото и секоја индивидуа ќе има еднаква шанса за успех. На ВМРО-ДПМНЕ и на мене лично важно ни е Македонија да напредува и достигнува нови височини. Честит 23 Октомври, нека е вечна Македонија“, се наведува во честитката на претседатeлот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.