Македонија
Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции
Продуктивен состанок, ефикасна и надежна дискусија е впечатокот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски и на претставниците од Стопанска комора на Германија (OA-Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft) која се одржа во Берлин. На состанокот се промовираа инвестициските можности и капацитети во државата, а странски компании изразиле интерес за нови инвестиции во државата.
„Можам да кажам дека имавме многу отворен, искрен и продуктивен состанок со претставниците на германската Стопанска комора делот којшто е одговорен за Источна и Југоисточна Европа. Голем дел од компаниите коишто беа присутни на овој состанок се веќе присутни со свои производни погони кај нас. Имаше и такви компании коишто недвосмислено изразија желба да инвестираат кај нас и да бидат присутни на македонскиот пазар. Нормално, разменивме детали за понатамошен контакт и мислам дека многу скоро денеска ќе бидеме посетени, ќе ги отвориме преговорите за можно нивно инвестирање. Наша цел како Влада уште од самиот почеток беше подготвување на инвестициската клима и зголемување на инвестициската активност на компаниите не само домашните и странските исто така. Мислам дека во Германија ова е исклучителна голема можност, имајќи предвид дека нашата трговска размена надминува повеќе од пет милијарди евра. Илјадници наши граѓани работат во компаниите каде што се сопственици германски инвеститори и ние како Влада имаме и обврска но и одговорност да продолжиме со промоција на најголемата би рекол европска економска сила. Промоција на инвестициските можности и капацитети, денеска тоа го направивме во неколку области како што услугите, туризмот, енергетиката, производството итн. и мислам дека имавме исклучително позитивен состанок и мислам дека по овој состанок, да бидам попрецизен, сигурен сум ќе имаме уште неколку нови инвеститори во периодот којшто следи“, изјави премиерот Мицкоски.
Дел од претставниците на германската стопанска комора посочија дека очекуваат да ги зголемат нивните капацитети во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

