Македонија
Мицкоски ги алармира и амбасадите: Законите за автопатите се пристигнати со европско знаменце

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека во Собранието веќе се доставени измените на законите за автопатите со европско знаменце. Тој го оспори ваквиот пристап и ги повика амбасадите да реагираат.
„Веќе законите се пристигнати во парламент со европско знаменце. Јас ова нема да го коментирам, ќе оставам од канцеларијата на Европската комисија тоа да биде коментирано. Ако не се случи, ќе отвориме јавна дебата по тоа прашање. Верзиите што ги видовме, во делот пет, кој се користи за објаснување со кој дел од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете, во овие предлози е празен. Нема, не стои таму во што се усогласува. Ако до пред неколку минути имаа намера, сега сакам да ве информирам дека добивме информација дека законите се пристигнати со европско знаменце во парламентот. Ги повикувам амбасадите на земјите од ЕУ да се произнесат за ова што денеска го направи Владата на ДУИ и СДСМ“, вели Мицкоски.
Владата усвои измени на пет закони поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 д и ги достави до Собранието со европско знаменце. Целта им била да не бидат блокирани од опозицијата. Од Делегацијата на Европската Унија во државава се изјаснија дека тоа не е во согласност со европските стандарди и најавија дека ќе бараат дополнително објаснување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И Обвинителството се вклучи во постапката за пронаоѓање на маскираните разбојници кои ограбија златара

Обвинителството денеска информира дека во текот на ноќта и утринава од Основното јавно обвинителство од Гостивар се издадени повеќе наредби со цел откривање на сторителите кои вчера извршија грабеж во златара во близина на малиот пазар во Гостивар.
Разбојништвото се случи вчера попладне, а случајот беше пријавен во полиција во 18:45 часот.
Четворицата максирани лица со автоматско оружје го извршиле разбојништвото по што побегнале со БМВ без регистарски таблички.
Македонија
Јакимовски: Фотоволтаичните панели не се шминка, туку вистинска работа

Во сите 10 основни училишта во општина Карпош веќе се поставени фотоволтаични панели – проект кој ја позиционира општината како лидер во зелена енергија и одржлив развој. Ова не е шминка, туку вистинска работа, визија и енергија што носи резултати, вели актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Карпош од коалицијата „Искуство за успех“ предводена од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) Стевчо Јакимовски.
Со оваа инвестиција, училиштата веќе ги намалија своите сметки за електрична енергија, а следниот чекор е уште поамбициозен – да станат производители и продавачи на електрична енергија.
„Нашата цел е едноставна – училиштата да произведуваат повеќе струја отколку што трошат, да ја враќаат назад во системот и да станат мали енергетски центри со голема општествена улога“, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Со ова, Карпош ќе биде првата општина во Македонија што целосно ќе функционира на принципи на енергетска ефикасност и зелена трансформација.
Учениците ќе учат од жив пример дека иднината е зелена, а училиштата ќе се претворат во вистински симбол на одговорност и иновација.
„Додека некои велат дека ќе поставуваат панели, ние веќе ги имаме. И не само тоа – сега ги надградуваме и ги претвораме во генератори на енергија. Карпош не чека наредби. Карпош мисли, работи и произведува – зелена енергија, чиста совест, силен Карпош,“ порача Јакимовски.
Македонија
Минчев: 11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност

„11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност, да ја унапредуваме татковината со обединети сили, знаење и заедништво. Само така ќе обезбедиме стабилна и просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат“, порачува министерот за за јавна администрација Горан Минчев во честитката упатена по повод 11 Октомври.
– На овој ден се сеќаваме на храбрите мажи и жени кои, пред повеќе од осум децении, храбро се спротивставија на тиранијата и ги поставија темелите на борбата за слободна и праведна Македонија. Нивната жртва и визија за подобро утре се наша водилка денес, да продолжиме да градиме општество засновано на демократија, еднаквост и солидарност, вели Минчев во честитката.