Македонија
Мицкоски: Група на ексфункционери од ДУИ се обидува да прави етнички поделби, стратешките партнери се запознаени
Обидите за етнички поделби ги прави изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал што набргу ќе почне да се обелоденува, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот рече дека единствената тема со која ДУИ се присутни во јавноста е да направат поделба на етничка основа и да ги третираат етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание.
„Пробаа со зелената агенда, видовте како завршија и се вратија сега во опозиција на единствената тема што за нив можеби носи реултат. Се обидуваат да ги поделат граѓаните и тоа јасно се виде кога од страна на коалицијата ‘Вреди’ беа покажани фотографии од високи претставници на ДУИ во друштво на насилниците кои го палеа државното знаме, што се потврдува и од информациите на МВР“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека и ДУИ знаат оти 20 години самите поставувале судии, а во среда на седницата на Уставен нема да се случи ништо.
„Потоа ДУИ ќе излезат во јавност и ќе речат: ‘Ние правевме притисоци и затоа ништо не се случи’. Повторно ги злоупотребуваат Албанците со обид за поделба“, рече Мицкоски додавајќи дека власта ги предвидува нивните чекори, точно знае со кои групи комуницираат, а запознаени се и стратешките партнери.
Премиерот упати порака до сите граѓани – Македонци и Албанци, да бидат спокојни, најавувајќи дека ќе дознаат наскоро што се крие зад хајката на овие, како што ги нарече, политички профитери. Мицкоски очекува ДУИ да продолжат со политички маневри по етнички прашања и во иднина, но уверен е дека ќе бидат поразени.
Според премиерот, опозициската партија треба да се преструктуира за да биде конкурентна на претстојните локални избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

