Македонија
Мицкоски денес ќе стави темели на автопатот Тетово-Гостивар кој чини 90 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување на камен-темелник за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 18 километри, соопшти владината прес-служба.
Проектот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар опфаќа и девет натпатници од кои – 8 натпатници за поврзување на локалните патишта со новопроектиранит паралелен пат, еден натпатник за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник.
Изградбата на автопатот Тетово-Гостивар ќе чини 90 милиони евра.
На настанот предвидено е свое обраќање да има премиерот Мицкоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По убиството на Росица: дисциплински постапки за 11 полициски службеници, МВР утврдила дека по дел од пријавите на жртвата не било постапено

Министерството за внатрешни работи известува дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детални проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес по сите настани кои биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева.
Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврдила дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите.
Врз основа на извршените проверки, како што појаснуваат, поднесен е предлог за поведување на дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамки на нивната надлежност.
„Министерството за внатрешни работи останува посветено на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност и во тој контекст ќе продолжи со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Соочени со фактот дека ја губат општината, СДС во Струмица шири страв и трепет

Соочени со фактот дека ја губат општината, СДС во Струмица шири страв и трепет, а листите за советници им се полни со насилници, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако, како што рече, вчера македонската јавност увиде на каков начин СДС владее во Струмица, од партијата нема осуда, ниту оградување.
„Каков пример даваат на младите Христијан Ефтимов и Илија Стојанов, кои крвнички тепаат странски државјани во Струмица? Зарем така треба да се однесуваме со туристите во државава? Исто така, дали судството ги штити овие две лица бидејќи се уште нема постапено? За жал, тие двајца не се први ни последни кои имаат кривични пријави во советничката листа на СДС во Струмица.
За носителот на листа, Миле Гогов има кривична за загрозувaње на сигурност, додека за Шефкет Асанов има прекршочна за насилство и нарушување на јавен ред и мир. Исто така, и тука прашуваме дали судството има реагирано? Или за членови на СДС тоа не важи“, праша тој.
Може да се заклучи, како што наведе, дека СДС во Струмица кандидира насилници и тепачи на кои досиејата им се полни со кривични пријави и заштитени од судството, затоа што се чеда на Заев.
На Струмица не и требаат тепачи и насилници, на Струмица и е потребна вистинска промена.
Македонија
„Стоп за Вардариште“ најави нов протест: утре заедно со градоначалникот на општина Аеродром ќе ја посетат депонијата

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ информира дека в сабота, 27 септември 2025 година, во 7.30 часот наутро, од мостот „Близнак“, заедно со в.д. градоначалникот на општина Аеродром, ќе го посети „Вардариште“.
Тие јавно ги повикуваат и надлежните на другите институции, до кои, како што велат, се имаат обратено, да им се приклучат во 7.30 кај мостот „Близнак“ и заедно да го посетат „Вардариште“ и да им ги презентираат конкретните мерки што ќе бидат преземени веднаш, а не пo локалните избори.
„Ги повикуваме и сите заинтересирани граѓани да ни се приклучат. Вчера (25 септември 2025 година) истече рокот од 5 дена, кој го дадовме за да почне исполнувањето на итните барања од директно засегнатите граѓани: воспоставување 24-часовен јавно достапен видеонадзор на депонијата ‘Вардариште’; воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на ‘Вардариште’; итно иселување и соодветно згрижување на лицата што живеат бесправно на територијата на ‘Вардариште’; поставување ограда околу ‘Вардариште’; почнување процес за конечно затворање на ‘Вардариште’; откривање и казнување на потпалувачите и на организаторите на пожарите; ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти што ќе продолжат да фрлаат отпад на ‘Вардариште’.
Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и до Општина Аеродром. До сега не добивме одговор од ниедна институција“, истакнуваат од таму.
Протестите што од денеска се одржуваат двапати дневно, како што појаснуваат, ќе продолжат и денеска во 18 на раскрсницата кај мостот „Близнак“.
„Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат за да го бараме заедно уставно загарантираното право за здрава животна средина, следствено и за чист воздух, што е приоритет за сите нас“.