Македонија
Мицкоски: Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието може да бидат мостови меѓу луѓето
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на свечената седница по повод 22 Ноември – Ден на албанската азбука.
„Денес, со почит се собираме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на албанскиот народ. Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка; тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје. Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро“, рече Мицкоски и додаде:
„Во овој дух, Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница. Воедно денешниот ден ќе го искористам да зборувам за двете основни вредности кои го обликуваат секое општество – писменоста и образованието. Тие се основата на нашиот индивидуален и колективен развој, алатките што ни овозможуваат да ги оствариме своите цели и да изградиме подобра иднина. Писменоста е првиот чекор кон слободата. Таа ни овозможува да комуницираме, да разбираме и да го изразуваме својот потенцијал. Таа е алатка за стекнување знаење, за развивање критичко размислување и за навигација низ светот. Но, писменоста не е само учење на буквите и бројките – таа е мост што нè поврзува со нашата култура, историја и со светот што нè опкружува. Образованието, пак, ја надградува писменоста и ни овозможува да го откриеме целиот спектар на можности што ни стојат на располагање. Преку образованието, ги учиме основните вредности на човештвото – толеранцијата, почитта и емпатијата. Ги развиваме нашите способности, ги отвораме вратите кон нови идеи и стекнуваме алатки за решавање на предизвиците“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

