Македонија
Мицкоски до Беџети: ЕУ е вредност што не подразбира купување скапи трговски центри и дуќани во центарот на Скопје
„За жал поради начинот на кој што владеевте изминативе 7 години ДУИ и СДСМ, ние денес сме таму каде што сме, а ова има можност цела јавност да види кои се луѓето кои прашуваат дали сме за ЕУ или Русија. Ова се луѓето кои ги бранат интересите. Кога вие зборувате дали сме за Русија или Европа замислете до која ситуација дојдовме. Ајде да видиме кој што направи за Русија, а кој за ЕУ“, вака претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања одговори на прашањето на пратеникот Блерим Беџети за тоа дали Владата е со Европа или Русија.
Тој понатаму додаде дека Беџети пред да поставува вакви прашања треба да се присети на анегдотата којашто кружи за тоа како неговата партија заедно со тогашниот коалициски партнер СДСМ на крајно неевропски начин кроеле планови за обезбедување пратеници за уставните измени.
„Има анегдота која вели дека овде во Собранието кога се гласаше за промена на уставното име во една канцеларија неколкумина претставници од политичката партија ДУИ се обидувале со поранешни припадници и членови на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да постигнат консензус околу тие уставни измени. Таа анегдота вели дека еден од соговорниците коишто биле тогаш дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ им одговорил, рекол видете овие неколкумина можете да ги придобиете и со еден разговор можете да добиете ако им возвратите кој да го амнестирате од криминалот, со кој да му дадете некој тендер има градежна фирма знаете и слично и на тој начин ќе дојдете до 80 пратеника и до промената на уставното име. Така вели анегдотата, јас не велам дека е тоа вистина. Па таа анегдота во канцеларијата на еден од поранешните високи државни претставници ја пренесува, така вели анегдотата, висок функционер на ДУИ. И го пренесува ова искуство тој вели, видете сега треба истото да го направиме со ова ВМРО-ДПМНЕ сега и да најдеме 80 пратеници и да завршиме со промената на Уставот. Но, еден од соговорниците, така вели анегдотата, на состанокот кај еден висок претставник на раководството на државата од коалицијата поддржан ДУИ и СДСМ, му рекол види Али нашиве пријатели коишто тогаш ни помогнаа не се веќе во ВМРО-ДПМНЕ, што да правиме. Не се? А, што ќе направиме за да бидат? Ми текна, ќе го менуваме Кривичниот законик и тие што се тука ќе дојдат, тие што се тука ќе бидат мотивирани. Како ќе го менуваме ќе ни го закочат овие вмровциве? Ај со Левица и ќе се договориме некако, ама вмровциве, како со нив ќе се договориме? И ајде ќе тераме ќе му залепиме европско знаме, па ќе тераме. Така вели анегдотата, јас не знам дали е вистина ова, но така вели анегдотата кој е за ЕУ и кој е за Русија. Па, еден му вели во таа анегдота, абе малку штета ни нанесе ова голобрадово момче, трговски цел, му викавме само првиот кат да го купи, а тој решил трговски па трговски ќе купува момче кое реши трговци да купува. Абе немој трговски му велиме барем првиот кат купи го еве, не мора цел трговски. Кога наеднаш сватот на еден од високите претставници на политичката партија ДУИ со скап Ролс Ројс на брзинка се паркира пред резиденцијата на тој висок претставник на државата поддржан од коалицијата СДСМ и ДУИ и наеднаш сватот го кани да влезе во возилото, така вели анегдотата и го носи во еден ултра скап дуќан во центарот на градот да одберат туристичко патување во една скапа, би рекол егзотична дестинација за да можат на мира да го прават планот околу тоа како да обезбедат 80 пратеници. Така вели анегдотата. Јас повторно кажувам, не знам дали е ова вистина, но така вели анегдотата за овие коишто се денеска за ЕУ“, потенцираше Мицкоски и додаде дека ЕУ е вредност во која што се почитуваат законите, а не да се понижуваат граѓаните со играње фудбалчиња и баскет по канцеларии.
„ЕУ е вредност која што не подразбира вакви анегдоти. ЕУ е вредност во којашто се почитуваат законите, а не се понижуваат граѓаните со играње фудбалчиња, играње баскет итн. ЕУ подразбира независно судство, ЕУ подразбира вредности коишто овие господа овде пред мене не знаат ни како изгледаат, а камоли пак да се повикуваат на тие вредности. Почитуван Блерим Беџети, оваа Влада може да ви држи лекции за ЕУ и за вредностите коишто ги носи ЕУ. Можете да учите како требало повеќе од 20 години користејќи ги привилегиите на власта да се борите за вредностите на ЕУ. Јас да бев на ваше место ќе се присетив на оваа анегдота којашто циркулира тука низ Парламентот и ќе извлечев некаква поука од сето тоа. Жалам што и вас ве однесоа во длабокото“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Крајно време е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава
Новиот Закон за високото образование не дискриминира. Тој бара меритократија, модуларност, повеќе практична настава, интернационализација и поголема соработка, поголема видливост на универзитетите и професорите, фокус на стручни студии и усовршување на вештини што досега ги немало во земјата, интензивирање на учеството на бизнис заедницата во дизајнот на студиските програми и нивна евалуација за адаптација на потребите на пазарот на труд. Законот се базира на политиките на оваа Влада за јавниот интерес на сите граѓани и на оваа држава. Крајно време и е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава. Универзитетот нема задача само да направи добар стручњак, тој треба да направи одговорна морална личност. За да може тоа да го направи, квалитетот на високото образование треба да се зголеми. Имаме консензус во државата по ова прашање.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната собраниска седница, во одговор на пратеничко прашање, појаснувајќи дека условот за објавување на трудови во двете реномирани бази на научни списанија, Web of science и Scopus, бидејќи се однесува на сите универзитети, не дискриминира никого.
Јаневска рече дека в петок ќе се состане работната група за Законот за високото образование и ќе одлучи за дел од забелешките што беа дадени во текот на јавната расправа, а дел од предлозите се веќе имплементирани.
Во врска со укажувањата поврзани со автономијата на универзитетот, министерката одговори дека не се задира во неа, а дека проблем за дел од професорите е што со новиот закон ќе треба да профункционира Советот на универзитетите.
„Советот постоел и во претходниот закон, но не бил формиран, затоа што постоеле луѓе кои се плашеле да го формираат. Тоа е орган или тело, ќе се договориме како ќе се вика, чија главната улога е отчетност, да види што и како работат универзитетите. Не може универзитетите да се надвор од правниот систем. Советот бара отчетност како се трошат јавните парите, како функционира универзитетот, дали го исполнил својот план што тие сами ќе го предложат“, рече Јаневска.
За правото на министерот да запре одлука на Сенатот ако утврди дека некој акт на универзитетот е противзаконски, рече дека е со точно пропишани услови, но дека дополнително побарала од правниците, професори по право да го дефинираат овој член и предлогот да го достават до МОН.
Македонија
Мицкоски нема одговор на прашањето кој е Адамовиќ, повторно Харис Џиновиќ и Дубаи, велат од СДСМ
Денеска, во Собранието, граѓаните имаа можност да го видат видно изнервираниот Христијан Мицкоски на говорница, истакнуваат од СДСМ.
„Покажа голема нервоза а немаше одговори на прашањата од претседателот Филипче. Нема одговор Кој е Душан Адамовиќ? Како е избран за почесен конзул на Македонија во соседна Србија и кои критериуми се испочитувани? На неговиот Твитер-профил видовме дека за Македонија вели „Српска Македонија“ била окупирана? Дали со тоа го исполнил критериумот за „докажан пријател“ на нашата држава? Имајќи предвид дека неговиот автомобил му беше дигнат во воздух, а потоа му беше и пукано во нозете, дали АНБ направило проверка“.
Од опозициската партија додаваат, како член на навивачка група, не делува дека може од МВР да добие потврда дека немал кривични пријави или судски постапки.
„Кое професионално делување има, освен што е високо позициониран во вашата сестринска партија СНС? Покрај бројните афери со кои се поврзува, непостоечка биографија и отсуство на каков било бизнис освен политиката. Адамовиќ се фали со свои контакти и врски во Русија. Дали е тоа исполнет критериум? Како држава членка на НАТО, дали Македонија има потреба од човек кој има врски со Москва, особено сега кога Русија е под санкции од целата Европска Унија“.
Заклучкот, како што велат е јасен. Очигледно , според нив, дека именуваниот Душан Адамовиќ не ги исполнува клучните критериуми за да биде поставен за почесен конзул.
„Со оглед дека во вторник во Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, што ќе каже Мицкоски за Стоиљковиќ и „Ноќните волци“, или за тоа дека Владата дала одлука за почесен конзул на човек кој на социјалните мрежи се фали со своите контакти во Москва?
Мицкоски треба да одговори каков однос има со Душан Адамовиќ и зошто е избран за конзул?
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.

