Македонија
Мицкоски: Единствено здраво разумно решение е изборите да се одржат во среда за да се заштедат парите на граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ при посетата во Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање за можен датум за одржување избори, посочи дека единствената недела каде што може да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај.
„ВМРО-ДПМНЕ логично размислува, а тоа е бидејќи од другата страна велат немале да одат на предвремени избори, единствената недела каде што може да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај. Тој ден е Велигден. Во минатото сме имале пракса, така беше на последните избори, 15 јули 2020 година, да и во среда имаме избори и затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се одржал вториот круг претседателски заедно со парламентарните, би имало 72 часа рокови за жалби, за одлуки и така натаму и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран. Ова е логиката“, потенцира Мицкоски.
Мицкоски во врска со одржување на изборите објасни зошто оваа дата е најсоодветна за одржување претседателски и парламентарните избори.
„Но повторно ставаме на консензус, ние повикуваме на консензус бидејќи таква била праксата порано дека со консензус на сите политички фактори се носело одлука околу дата, време и така натаму. Повикуваме на консензус затоа што пак од друга страна последниот рок според Устав и закон на кој што еве би се одржале парламентарните избори е 30 јуни. Зошто 30 јуни? Уставот е јасен дека мандатот на актуелниот пратенички состав важи до изборот на нов, но не повеќе од 4 години, имајќи предвид дека 4 август 2020 е формиран Парламентот и оттогаш почнува да важи мандатот на актуелниот пратенички состав значи дека ние на 3 август мораме да имаме формиран нов пратенички состав. Ако оставиме две недели за прегласувања, догласувања, ако има жалби и така натаму и законски 21 ден бидејќи Уставот е јасен и вели во рок од 20 дена треба да се формира парламентот, ако претседателот на претходниот Парламент не го свика, тогаш самиот се свикува, тогаш последниот датум на одржување на парламентарни избори е 30 јули, што значи дека кампањата би почнала на 10 јуни.
На крај Мицкоски порача изборите да се одржат во среда, да седнат со другите политички партии да се договорат и да се види дали од другата страна постои здраворазумско размислување и да се дефинира целата постапка.
„Што ќе одлучи овој еден месец да трошиме милиони народни пари, има ли логика, има ли разум, има ли некој таму кој што размислува нормално? И затоа велиме еве опција нека биде среда, да седнеме, да се договориме, да разгледуваме, да видиме дали од другата страна постои некое логично размислување здраворазумско и да ја дефинираме целата постапка, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

