Македонија
Мицкоски: Единствен начин да се стави крај на овој дуопол е да се промовира трет мобилен оператор
„Тоа е актуелно деновиве во јавноста и знаеме дека таа битка ќе биде многу жестока бидејќи дуо полот кој што во моментот е на пазарот кај нас грчевито ќе се обиде да ја задржи оваа ситуација на дуопол и тоа ни е јасно. Но наш интерес е стандардот на граѓаните и свесни сме дека услугите кои што ги плаќаат граѓаните како резултат на овој дуопол кој што функционира можеби се едни од највисоките во регионот па и во Европа.
Единствен начин да се стави крај на овој дуопол е да се промовира трет мобилен оператор. Па ќе се измислуваат преку разно разни приказни таа компанија била во соработка со кинески или не знам какви компании. Нашиот став како Влада е јасен. Мора да го заштитиме стандардот на граѓаните не можеме да дозволиме граѓаните да бидат жртва на овој дуопол којшто денеска функционира“, објасни претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа која е причината за барањето на трет мобилен оператор.
Премиерот Мицкоски нагласи дека е јасен ставот на Владата, која било компанија што ќе има интерес да стане трет мобилен оператор и дел од пазарот, потребно е да ги исполнува условите и критериумите во согласност со определбите од државата. Потенцираше и дека мора да се заштити стандардот на граѓаните и да се има предвид услугите коишто ги добиваат.
„Истовремено е јасен нашиот став дека било која компанија да сака да биде дел од пазарот да биде трет мобилен оператор мора да ги исполни условите и критериумите во согласност со определбите од државата, во согласност со стратешката ориентација и од тие земји да биде потеклото на опремата којашто евентуално би била вградена доколку се случи да имаме трета компанија којашто е заинтересирана. Сега е само на интерес и информација, немаме никаков конкретен чекор доколку има некаков конкретен чекор јавноста ќе биде благовремено информирана. Но мораме да го почнеме овој процес за да го заштитиме граѓанинот од овој дуопол којшто во моментот, настрана што е целосно партизиран и опструиран во раководството од страна на некои минати влади коишто во минатите седум години жестоко влијаеа во кадровската политика кај овој дуопол.
Истовремено ние мораме да работиме на тоа да го заштитиме стандардот на граѓаните и услугите коишто ги добиваат и нема да се откажеме како Влада ниту јас како претседател на Влада од тоа да го заштитам стандардот на граѓаните и да добиваат вистинска услуга онаква каква што заслужуваат во 21 век“, дециден е премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

