Македонија
(Видео) Мицкоски за Ахмети: Кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец, кој во тоа го вплеткал семејството
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати низа критики на сметка на ДУИ и претседателот Али Ахмети. Му порача дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец. Мицкоски смета дека Ахмети во криминал го вплеткува и семејството, а го спомена и случајот со купувањето на „Соравија“ од Дрин Ахмети, внук од брат на Али.
„Тој човек, кој себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал, но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро. Би го советувал тие малкумина советници околу него, кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, посочи Мицкоски.
Објасни дека во правосудство не може да се верува, алудирајќи и на фотографијата на која шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е фотографиран со член на семејството на Ахмети. Според него, пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не проаѓаат во јавноста.
„Таа порака не проаѓа во јавноста, туку граѓаните со индигнација ја отфрлаат. Довербата во партизираните судство и Обвинителство ја кажуваат јавните мерења, а довербата од 0 до 100 е 8 проценти максимум. Тоа е така бидејќи имаме обвинител кој неколку месеци беше избран во ОЈО-ГОКК, гледате како еден човек му стои на глава. Знаете кој е човекот и од кое семејство е. А знаете и кој е актуелен по купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Тоа е семејството на Али Ахмети“, додаде Мицкоски.
Смета дека целта на раководството на ДУИ е да станат милијардери, со пари од граѓаните.
„Раководството на ДУИ не само што ја изгуби својата суштина, туку и жалам што поединци дел од тоа раководство, на крајот од политичката кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупција, но она што е пострашно, преку нивните семејства. Знаете кога семејството ќе го вклучите во политиката, тогаш вие не сте го допреле дното, туку сте отишле подлабоко. Тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тие се обидуваат да ја окупираат Македонија и на тој начин да станат милиони. Но тоа е стара амбиција, сега е милијардери да станат. Тие во денари, се милијардери на грбот на народот. А им асистира полтронскиот партнер, СДСМ и раководено од ова раководство. И таму има членови кои не сакаат да бидат полтрони“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

