Македонија
Мицкоски: За да останат на власт, отстапија и прифатија сè, невозможно ќе биде да се исправат нивните грешки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека тоа што се случува со Бугарија е нешто за што како партија предупредувале дека ќе се случува.
Тоа што вознемирува, рече Мицкоски, е фактот дека оваа Влада и покрај сите отстапки и покрај сето она што беше побарано од неа, практично сè отстапи и сè потпиша во интерес на зачувување на своите лични фотелји. Мицкоски рече дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ги исправи грешките што ги направила оваа Влада.
„Гледаме дека другата страна и покрај сето тоа, влегува во еден таканаречен конфликт, кој би го ставил на ниво на една студена војна помеѓу двете држави бидејќи, колку што разбрав, амбасадорот на нашиот источен сосед не е во државава, односно го задржале таму, не го вратиле назад, односно не е дојден тука, каде што треба да ја извршува својата амбасадорска позиција. И тоа го правдаат властите во Софија како револт поради оној настан што се случил во Охрид. Тоа е така затоа што кога едната страна попушта сè, коленичи, витка ‘рбет, а другата страна практично добива сè, таа страна, во случајов Бугарија, мисли дека природно нејзино право е да добие сè што ќе побара и на тоа предупредувавме изминатиот период дека тоа не треба да се случува, но, за жал, имаме политички аналфабети криминалци и корумпирани политичари, кои буквално, за да ги задржат своите позиции и да може уште некој тендер во четири очи да добијат, подготвени се сè да проголтаат. Но, се разбира, на товар на македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонските граѓани“, вели Мицкоски.
Тој ги обвини властите дека функционираат како аналитичари.
„И Владата и Стево Пендаровски седат и прават анализа, па ќе го слушнете Стево Пендаровски како ќе ви каже дека ова било некаков си заговор, дека овие се некои тајни служби, надворешни влијанија и фактори за дестабилизација на Македонија, а притоа ниту едните ниту другите, по состанокот што го имаа, Советот за безбедност кај Пендаровски, не излегоа кои се тие странски служби, кои се тие странски фактори за влијание, кои се практично луѓето што сакааат да ја дестабилизираат Македонија? Знаете, тие добиваат плати, ги уживаат привилегиите затоа што народот ги плаќа да даваат решенија, да даваат одговори на прашањата, а не како аналитичари да коментираат“, истакна тој.
Мицкоски додаде дека властите првин почнале со тезата прогласување персона нон грата, па потоа се повлекле.
„Чекаат да дојде 4 февруари, па да се случат инциденти и тие луѓе да предизвикаат и провоцираат и од маргинални политичари, буквално естрадни политичари, да претворат политички тешкаши, сега со овие пинг-понг изјави во јавноста, овој Џамбаски, како се викаше овој европскиот политичар, како му беше презимето, од што не знае што да направи, повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен повеќе на темата ‘мрази ги Македонците’, ‘навредувај ги Македонците’, ‘мрази ја Македонија’ итн. И што направија тие со тоа, буквално ништо. Ете тоа се тој театар и естрада, во која ја претвораат политиката во Македонија.
Ова нивно килаво однесување, кое претпоставувам е резултат на нивната огромна корумпираност и заштита на криминалот за да останат уште некој ден, некоја недела, некој месец на тие позиции за да може на грбот на овој народ да се богатат и се подготвени сè да проголтаат. Па дури и народот да го жртвуваат, па дури и иднината на народот да ја жртвуваат, само за да може тие уште некој ден да останат таму каде што се.
Јас сум навистина згрозен и очекувам што побргу да излеземе на предвремени парламентарни избори и да може народот гласно да зборува, а јас сум убеден во тој резултат и во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача, но и невозможна, да ги исправи сите грешки што оваа криминална и корумпирана Влада на ДУИ, поддржана од СДСМ, ги направи“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

