Македонија
Мицкоски за фотографирањето без македонското знаме: Денеска ќе биде врачена протестна нота на амбасадорот на Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски го коментира неистакнувањето на македонското знаме за време на посетата на Сиљановска-Давкова во Софија при средбата со бугарскиот колега Румен Радев. Рече дека денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија.
„Во минатото, кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше ‘рбетот и се соблазнуваа со тие што нè понижуваа и газеа. Сега дипломатски се испраќаат протестни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика или, пак, дипломатска со свиткан ‘рбет, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе му биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, посочи Мицкоски.
За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари, Мицкоски очекува во духот на пријателството и добрососедството објективно да се преговара и да се договара.
„Тоа се процеси што траат со децении, имаме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуки може да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух членовите на комисиите од двете страни да разговарааат“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

