Македонија
Мицкоски: Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ѝ партнер на бизнис-заедницата, а не непријател како Владата на СДСМ и ДУИ
Многу сериозно ова прашање го разгледуваме и во рамките на партијата и затоа денеска со мене се и двајцата потпретседатели. Сакаме да ги увериме луѓето што се дел од реалниот сектор и од бизнис-заедницата дека ВМРО-ДПМНЕ е пријател, ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера сериозно да ја развива Македонија и ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера сериозно да помага и да ѝ биде партнер на бизнис-заедницата, а не да биде непријател како што тоа се прави сега и со злоупотреба на европско знаменце насила да се наметнуваат законски решенија, меѓу кои што е и ова, солидарниот данок, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата на Гевгелија во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ одговарајќи на новинарско прашање за став во врска со солидарниот данок, кој е обжален пред Уставниот суд.
Мицкоски додаде дека бизнисот заслужува поддршка и мора да престане односот кога власта нема пари, тие да се обезбедуваат преку бизнис-заедницата и граѓаните за да може потоа тие пари да ги дели преку тендери.
„Цениме дека бизнисот заслужува поддршка и цениме дека ние како ВМРО-ДПМНЕ мораме да ја разбиеме стигмата дека кога нема од каде, тогаш се притиска бизнис-заедницата и се притискаат граѓаните за да може Владата да обезбеди денар повеќе, а потоа тој денар повеќе преку наместени тендери во четири очи делумно, нормално да го злоупотреби, барем за тоа постојат основани сомневање“, потенцира Мицкоски и додаде:
„Така што, силна поддршка и порака на поддршка денеска од тука од Гевгелија за локалниот бизнис, но и генерално за бизнисот за Македонија, дека ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера да биде партнер и пријател на бизнисот и да помогне тие да се развиваат, а развивајќи се, да ги задржиме и луѓето во Македонија, а задржувајќи ги луѓето во Македонија, ќе ја има и Македонија повеќе, ќе нè има и нас повеќе. Мислам дека тоа е природен начин на развивање на настаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

