Македонија
Мицкоски инспириран да бара уште евтини пари како унгарските поради огромниот интерес: Бизнисот ни е гладен
Бизнис-заедницата покажала интерес за повеќе од 250 милиони евра, пари од унгарскиот кредит, кои Владата ги намени за компаниите во земјата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека големиот интерес го инспирирал да бара уште такви пари.
„За жал, интересот до овој момент е 380 милиони евра. Значи, бизнисот ни е гладен. Имало проекти, не било дека нема проекти, туку можеби требало евтини пари за да може тие проекти да се реализираат. За нас, ова претставува дополнителна инспирација, мотив да најдеме повторно евтини пари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој очекува бизнисите што ќе бидат финансирани со пари од унгарскиот кредит да донесат нови вработувања, повеќе од бројката поставена како цел.
„Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме цел од 5.000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е удвоена со овие проекти, кои сега бараат финансирање од оваа унгарска линија, и тоа се 380 милиони евра. Очекувам таа бројка да дојде и до половина милијарда, што за мене претставува повторно предизвик, инспирација да побарам нови вакви средства за бизнисот затоа што очигледно дека бизнисот е гладен, сака развој“, вели премиерот Мицкоски.
На располагање на домашното стопанство се 250 милиони евра за кои компаниите со проекти аплицираат во комерцијалните банки за кредит со каматна стапка од 1,95 процент и рок на отплата до 15 години. Максималниот износ за кој може да аплицираат е 10 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе се чисти секојдневно, скопјани заслужуваат убава, уредена и чиста метропола
Во рамки на тековните активности за уредување на јавните површини и подобрување на хигиената во градот, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја информира јавноста за интензивното чистење и одржување на кејот на реката Вардар.
„Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки – сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.

