Македонија
Мицкоски: Криминалните политичките елити од СДСМ и ДУИ се заштитени како бела мечка, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори со криминалците
Ветуваа живот и борба со корупцијата, а во суштина донесоа историски најголема корупција, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за извештајот на меѓународната организација World Justice Project за мерење на индексот на владеењето на правото во државата.
Мицкоски смета дека високиот степен на криминал и корупција, како и невладеењето на правото во државата, се причина поради која граѓаните не гледаат надеж и се иселуваат од државата укажувајќи дека одредена политичка елита, која е блиска до Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, е заштитена како бела мечка.
Јасно се гледа дека корупцијата и криминалот во Македонија, како и невладеењето на правото практично се клучните проблеми зошто имаме и економска стагнација и зошто луѓето се иселуваат и губат надеж дека не може да биде подобро бидејќи очигледно е дека имаме определена политичка елита која арбитрира околу Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, и таа е практично заштитена како бела мечка што и да направи, каков било криминал, таа останува заштитена. И тоа предизвикува чувство на разочарување кај луѓето, а тоа чувство на разочарување се префрла потоа и во перцепцијата и во амбиентот во општеството, посочи тој.
Од ова рангирање може да забележите дека ако се споредат два периода, 2015 и 2022 година, ќе видите дека кога станува збор за корупцијата, таа е двојно влошена. Нели ветуваа живот и борба со корупцијата, а во суштина донесоа историски најголема корупција и доколку се забележи втората ранг-листа, тоа е ранг-листата за владеење на правото, ќе видите дека Македонија се наоѓа од 60-тото место, мислам дека беше, ако не се лажам 66-тото, а во 2015 година била на 40-тото место, што значи дека и тука за повеќе од 50-ина проценти е влошена перцепцијата, односно состојбата со владеењето на правото, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, која, освен реализирање на проектите, одлучно ќе спроведе борба против криминалот и корупцијата, како и криминалците во политиката.
За жал, имаме состојба во која владее корупцијата, а не владее правото, и владеат заштитени политички елити на Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ. Но, набргу од денес ќе дојде една друга влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која мотивирано, покрај реализирање на ветеното, ќе се впушти во одлучна борба со криминалот и корупцијата и криминалците во политиката, дециден е претседателот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

