Македонија
Мицкоски: МВР и Обвинителството да ги обелоденат имињата на функционерите од СДСМ и ДУИ, кои испумпувале пари од УЈП
Организирана група, која злосторнички се здружила и лесно ги крадела граѓаните, односно го оштетила буџетот, според нашите информации, некаде помеѓу 20-30 милиони евра. Постојат дури и докази дека лица вработени во Управата за јавни приходи се повикувани во Министерството за внатрешни работи да дадат свој исказ за тоа што јас вчера го зборував. Затоа е многу важно дали МВР ќе излезе со детали и ќе го спроведува законот заедно со Обвинителството за организиран криминал или ние тоа ќе го направиме, ќе го обелодениме во јавноста, и тоа во детали со имиња и со точни фирми, кои се дел од ова би рекол злосторничка здружина, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на општина Радовиш во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“ одговарајќи на новинарско прашања во врска со аферата за фиктивно испумпување на пари од УЈП.
Мицкоски додаде дека во аферата се вплеткани високи функционери на СДСМ и ДУИ.
„Ако ме прашувате како тоа функционирало, еве ќе се обидам да објаснам, имаме субјект А, кој е инстант-компанија и која генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б, односно субјект Б, кој ѝ долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмава А инстант-компанија отворено со фиктивни фактури ѝ приоѓа на фирмава Б и ѝ вели – дај да се прибиеме со цесија, односно нити тие мене да ми вратат нити вие да платите. Нормално, со определен надомест. И тогаш што се случува? Тие се пребиваат, ниту овие што должат на Управата, фирмата Б, плаќа, нити фирмата А добива официјално поврат на ДДВ, а фирмата Б нормално за одреден надомест ја прифаќа оваа услуга од фирмата А. Тоа е суштината и на тој начин никој од Управата, поточно од скопската дирекција, тука можеби детали може да ви каже и една актуелна пратеничка на СДСМ, која сега е пратеник, а порано беше директор на скопската подружница на Управата за јавни приходи. Или, пак, има еден господин, кој мислам дека доаѓа од општина Ранковце, близок до поранешен висок функционер на СДСМ, а сега министер, можеби тој што е сега актуелен директор на скопската дирекција на УЈП може да ви каже детали. Или, пак, самата директорка на УЈП или нејзиниот заменик може да ви ги каже деталите“, нагласи Мицкоски.
Тој ги повика МВР и Обвинителството за организиран криминал да излезат со имиња, со јасна и прецизна динамика како ќе се спроведе законот за овој криминал. Во спротивно, ако тие не го сторат, Мицкоски рече дека тие јавно ќе ги обелоденат фирмите и кои се тие високи партиски функционери што учествувале и од ДУИ и од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

