Скопје
(Видео) Мицкоски од Аеродром: Доградбата на ООУ „Блаже Конески“ од 200.000.000 денари ќе овозможи децата да се образуваат во современи услови
„Денеска сме овде во Општина Аеродром да означиме почеток на уште еден проект којшто значи пред сѐ за жителите во Општина Аеродром. 200 милиони денари е навистина огромна капитална инвестиција со којашто ќе се овозможи да децата се образуваат и да го стекнуваат своето знаење во услови коишто ќе бидат современи, би рекол европски. Како Влада ќе продолжиме и во иднина да ги продолжуваме ваквите иницијативи, ваквите проекти“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Морам да напоменам дека заврши Јавниот повик којшто го објави Министерството за локална самоуправа во којшто беа повикани општините да поднесат предлог проекти. Општина Аеродром, исто така, поднесе свои проекти. Истото тоа ќе го сториме на почетокот на следната година, така што сето она коешто е ветено ќе биде испорачано. Можам да кажам дека повеќе од 21 милијарда денари ќе бидат реалоцирани од централниот буџет кон општините за капитални инвестиции, за нови булевари, улици, водоводи, канализации, училишта, градинки итн.. Нешто што досега не се случило“, посочи Мицкоски и додаде:
„Сепак, тоа е една огромна инвестициска активност. Целта на оваа Влада е да поддржува капитални инвестиции, да поддржува проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на македонските граѓани. Јас како претседател на Владата можам да кажам дека многу работи недостасувале изминативе години да се направат во Македонија. Нашиот мотив и инспирација се граѓаните. Така беше овие нецели три месеци откако сме Влада, така ќе биде и во иднина. Има многу да се направи, имајќи ја предвид катастрофалната ситуација којашто ја затекнавме оној 24 јуни, но тоа е што е. Ние мораме да го испорачаме тоа коешто сме го ветиле и тоа од ден на ден го испорачуваме. Ова е дел од тие ветувања и многу сум радосен што ете отпочнува со реализација овој капитален проект, бидејќи бев информиран од градоначалникот дека доколку ова не се случеше постоеше можност тука да се воведе и трета смена, нешто што не треба да го дозволиме, а ние сме за едносменско работење. Така што ова драматично ќе ја олесни работата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Хуманитарни пакети за социјално загрозените лица во општина Ѓорче Петров
Денес, на денот на Свети Василиј Велики – симболот на дарежливоста и хуманоста, Општина Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот Александар Стојкоски, спроведе акција за доделување хуманитарни пакети на социјално загрозените лица и семејства, извести општината.
Акцијата беше реализирана во соработка со општествено одговорна компанија, со цел да се пружи поддршка на оние на кои им е најпотребна во овие празнични денови. Пакетите вклучуваа основни прехранбени и хигиенски производи, додека за најмалите беа подготвени посебни изненадувачки пакетчиња, кои донесоа радост, насмевки и топлина во домовите на нашите сограѓани, велат од општина Ѓорче Петров.
„Свети Василиј Велики целиот свој живот го посветил на помагање на најслабите, а неговото дело нè инспирира и денес. Со оваа акција сакаме да потсетиме дека секое семејство заслужува достоинствени празници и полна трпеза,“ изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
„Оваа иницијатива е уште еден доказ за посветеноста на Општина Ѓорче Петров да создава заедница заснована на хуманост, солидарност и грижа за најзагрозените категории граѓани“, додаваат од општината
Скопје
„Комунална хигиена“ – Скопје продолжува со активностите за расчистување на снегот во сите скопски општини
И во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во три смени реализираа активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, како и во пешачките зони во централното градско подрачје, велат од Комунална хигиена-Скопје.
Воедно, во скопската општина Чаир беа спроведени и вонредни активности за отстранување неколку диви депонии лоцирани на улиците Џон Кенеди – до ООУ „Васил Главинов“, Славеј Планина – во непосредна близина на скопското Теќе и булеварот Крсте Мисирков – зад т.ц. Мавровка.
Во рамките на овие активности беа подигнати и транспортирани вкупно 50 кубни метри непрописно одложен отпад, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализира активности за расчистување на снегот во сите скопски општини
Вчера, ЈП Комунална хигиена-Скопје со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
„Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на Претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови. ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ“, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.