Македонија
Мицкоски од Аеродром: Наша задача како Влада е повеќе да нема листа на чекање за упис на дечињата во детските градинки
Денеска заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со членовите на владата на Муцунски, Лимани, граѓаните на Општина Аеродром, советниците, пратениците, луѓето коишто од минатото, пратениците сега сме на едно место, на коешто набргу од денеска, според информациите што ги добив, максимум за една година од денеска, ќе може дечињата да го поминуваат оној дел од својот живот, од таа предшколска возраст, каде што ќе можат да научат многу работи кои потоа ќе им бидат потребни во животот за совладување со животните предизвици, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Како што кажа и градоначалникот, наша заедничка задача и цел е да многу скоро од денеска да нема повеќе листи за чекање, за упис во градинките во Општина Аеродром. Ова не е само задача на општината, туку и на владата, на политичките партии, и на коалицијата. Ветивме уште за време на кампањата дека секое дете заслужува свое место во градинките, доколку родителите одлучат да го запишат, и да нема повеќе листи на чекање, привилегии, итн, рече Мицкоски.
„Се бориме за подобра демографија, се бориме младите да ги задржиме тука, да немаме емиграција, да немаме иселување, и мораме како Влада, заедно со општините, заедно со ресорното министерство, со Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и со останатите колеги во владата, да работиме на тоа да ги обезбедиме сите потребни услови, за младите брачни парови да останат тука, и со самото тоа, и дечињата да растат тука, да другаруваат, што за нас претставува особена важност.
Како политика, ова е приоритет на новата Влада. Проектот сам по себе, со 2 милиони евра, можеби не значи многу како инвестиција, но функцијата на новиот проект значи многу. Бидете уверени, ќе се намалат листите за чекање за упис во градинките. Како што има уште многу вакви проекти, така ќе има уште многу функционални проекти кои ќе значат подобар живот за граѓаните насекаде во Македонија, па и овде.
Ова беше наша цел, ова беше наша програма и така ќе продолжиме и во иднина да се однесуваме. Нека е со среќа, ова е почетокот на изградбата на овој објект, па за година дена од денеска, заедно да присуствуваме и на отворањето и приемот на првите дечиња коишто овде ќе го минуваат делот од своето детство.“, посочи премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

