Македонија
Мицкоски од Брисел: Злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата е основа на политичкото дејствување на власта
Во Република Македонија загрозена е правната држава и владеењето на правото и земјата се соочува со широко распространета појава на корупција, што е и нотирано во релевантни извештаи на меѓународните организации, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со европратеникот и известувач во Европскиот парламент за Република Македонија, Едвард Кукан, и со европратеничката Маријана Петир во Брисел, каде е придружуван од кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова.
„Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата станува основа на политичкото дејствување на власта. Од друга страна имаме назадување со почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стандард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата, што е последицата на штетните политики на Владата“, изјави Мицкоски.
Од страна на Гордана Силјановска-Давкова беше образложена нејзината заложба за владеење на правото и силна правна држава која ќе мора да ги гарантира човековите права и слободи.
„Претседателот на државата во таа смисла има важни овластувања кои треба да овозможат заштита на граѓаните и правна сигурност. Несомнено тоа е и важен предуслов за напредок кон европските интеграции, што е и наша стратешка цел“, посочи Силјановска.
Соговорниците истакнаа дека мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период, каде суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Беа посочени и примери кои покажуваат дека Власта го загрозува демократскиот предизборен амбиент.
Престојот на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со работа преку учество на политичкото собрание на Европската народна партија и остварување на повеќе билатерални средби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

