Македонија
Мицкоски од Бутел: Ќе покажеме дека Македонија може да биде една од најдобрите држави на Балканот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при денешното свое обраќање пред граѓаните во Бутел се заблагодари за сè што граѓаните изминатите години правеа за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаше моменти кога се радувавме на победите, но знам дека имаше моменти кога достоинствено ги прифаќавте поразите и тагувавме, но сите она што нас нè обединуваше беа љубовта кон Македонија, визијата, желбата и сонот каква држава сакаме да имаме и каква држава сакаме да им оставиме на нашите наследници. И, тоа е онаа вечна дилема што може нашиот политички противник нема да нè разбере бидејќи ние ја немаме истата таа желба, таа љубов кон татковината, кон Македонија. Ние не сме подготвени како нив да ја распарчуваат, срамат, омаловажуваат и пљачкаат сопствената држава, туку ние сме достоинствени и горди Македонци што си ја сакаат татковината и кои се подготвени за татковината да ја жртвуваат и последната капка пот за да може таа да успее таква каква што ние сонуваме да биде“ , истакна Мицкоски.
При своето обраќање претседателот Мицкоски ги повика сите граѓани масовно да излезат на 15 јули и да го заокружат бројот 14, поточно да заокружат за иднината на Македонија онаква каква што сакаат да биде затоа што можеби ќе нема шанса за поправен овој пат. Тој потенцира дека ова не се обични избори, ова не се избори помеѓу политички партии, ова се избори на визија, на стратегија што треба да обедини Македонци, Турци, Албанци, Власи, Бошњаци, односно буквално сите да ги обедини против оние што ја пљачкаат и ја направија Република Македонија држава на криминалци, држава полна со корупција.
„Многумина од вас беа брутално избркани од работа затоа што биле поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Свесен сум за таа мака бидејќи таа е наша заедничка судбина и мака. Но, сите ние треба да се обединиме и да застанеме еден до друг. Ние сме се обединувале многупати во историјата досега и сме победувале многу помногуброен и многу моќен противник од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Кога јас му требав на мојот народ, на мојата држава, тогаш бев одлучен и храбар и се спротиставив на предизвикот затоа што верував во она што беше големо, а тоа беше сонот за онаа Македонија каква што сакаме да биде“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ќе дојдат политичките противници во Бутел и ќе зборуваат дека можат, но не направија ништо.
„Можеа да направат горда и достоинствена држава, можеа ако навистина работеа и ‘Гугл’ и ‘Фејсбук’ и оној гигант во автомобилската индустрија да го донесат, можеа навистина да донесат 30.000 плата. Можеа во овие три години да направат достоинствен живот за пензионерите. Можеа ветената поликлиника овде во Бутел барем да ја почнат, ако ништо повеќе. Можеа да ги вратат оние деца што сакаа да ги претстават како жртва на претходната влада, па така бесрамно редеа обувки пред Владата. Можеа да постигнат многу работи, но, за жал, не успееја“, потсети тој.
Мицкоски на граѓаните им порача дека Заев единствено нешто што донесе е само немир во душите на сите граѓани што живеат во Македонија. Според него, ова е суровата вистина и спотовите на ВМРО-ДПММНЕ сакаат да го покажат тоа, односно да ги покажат Владата на СДСМ и Заев и нејзиниот неуспех.
„Јас сакам да покажам и докажам во овој 4-годишен мандат дека можело поинаку да се работи, дека можело и чесно и честито да се работи, а Македонија да биде најдобрата држава на Балканот. Тоа е нашата цел, нашата визија и тоа е она за што вреди да се бориш. Проектот ‘Обнова’, кој е создаден на 360 страни и во него може да се најдат проектите на ВМРО-ДПМНЕ за наредните години, како што се предвидени 25 отсто повисока просечна плата, минимум 20 отсто поголеми пензии, најмалку 640 милиони евра субвенции, ќе биде заштитено националното достоинство, ќе најдете дека за Гоце Делчев не се преговара, тој е Македонец и уште многу други работи“, додаде Мицкоски од Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

