Македонија
Мицкоски од Шуто Оризари: Со обнова доаѓаат 1.000 проекти што ќе го подобрат животот на секој сограѓанин
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес, заедно со носителот на Изборната единица 2, Владо Мисајловски, ја посети општината Шуто Оризари. При посетата Мицкоски на граѓаните им порача дека на 15 јули доаѓа обновата на Република Македонија. Со обновата доаѓаат нови 1.000 реални мерки и проекти што ќе го подобрат живеењето на граѓаните.
„Се обврзувам дека тоа што ќе го ветиме, тоа и ќе го исполниме за сите жители на Шуто Оризари. Да покажеме дека можело поинаку и дека овие луѓе што живеат овде го заслужуваат тоа да биде поинаку“, истакна Мисајловски.
Мисајловски додаде дека победата ќе биде убедлива ако сите граѓани излезат на избори и гласаат за обновата на Македонија. Мицкоски ги замоли граѓаните да не потпаѓаат под притисоците на власта.
„Јас верувам дека овде може да биде поинаку и ви давам збор, го имате мојот збор дека навистина во следните четири години ќе направиме преродба не само овде во Шуто Оризари, туку секаде во цела Македонија каде што живее ромскиот народ“, вети Мицкоски.
Мицкоски потсети дека власта за овие три години ништо не направи за доброто на Република Македонија. Се ветуваше сè и сешто, а од тоа донесоа само криминал, сиромаштија, рекет.
„Во онаа наша читанка што ја нарековме ‘Проект – Обнова’ ќе најдете повеќе од 1.000 проекти. Таму има проекти и за вашето Шуто Оризари, но не и само за Шуто Оризари, туку буквално за секоја педа. Повеќе од 1.000 проекти што се многу внимателно избирани. Илјада проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на секој наш сограѓанин и таа евидентна разлика ќе се види уште во првите 100 дена. Нема да чекаме со години, туку уште во првите 100 дена ќе се забележи таа евидентна разлика. И повисока просечна плата 25 отсто, и повисока пензија 20 отсто, и повисоки субвенции за земјоделците за 640 милиони евра, повеќе од 1.000 километри нови патишта, реконструирани патишта, локални и регионални, повеќе можности за образование за секој човек“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има изготвено и преодна стратегија, во која се обезбеди студентите да не плаќаат школарина за учебната 2020/2021, можеби и за угостителите овде во Шуто Оризари ќе биде примамливо да знаат дека ќе се намали данокот на додадената вредност од 18 на 10 отсто заклучно со 2021 година. Сè што е пишано на 360 страници во програмата, буквално има за секого нешто.
„Излезете и масовно поддржете го редниот број 14, заокружете го редниот број 14 и на тој начин одлучувате за Македонија каква што сакаме да биде“, порача Мицкоски од Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Работници од Индија кои никогаш не виделе снег, за прв пат му се радуваат овде во Македонија
Работниците од Индија кои работат на автопатот Прилеп-Битола и се сместени во кампот на “Бехтел и Енка”, за прв пат гледаат снег во Македонија, па одлично се забавуваа и уживаа во белата покривка.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.

