Македонија
Мицкоски побара, но сега чека Заев да избере време и место за ТВ-дуел
И Заев и Мицкоски велат дека се подготвени за ТВ-дуел, но оставаат другиот да избере време и место. Од Владата велат дека премиерот е подготвен во секое време и на која било национална телевизија да дебатира на сите теми од интерес за јавноста. Останува само да се прецизираат времето и локацијата, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски по вчерашното барање од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се соочат на ТВ-дуел наместо на тет-а-тет средба во премиерскиот кабинет.
– Основниот принцип на работа на премиерот Заев е отвореноста и така функционира и Владата. Со години бараме дуел, секогаш сме биле подготвени, комуницираме двонасочно и како Влада секогаш сме отворени за дуели, дебати и новинарски прашања на прес-конференции – рече Бошњаковски.
Со сличен став се и во ВМРО-ДПМНЕ. Упатуваат на синоќешната изјава на Мицкоски дека нивниот лидер е подготвен да дискутира за преговорите, но и за сите погрешни политики на власта во економијата, образованието, здравството…
– Повеќе телевизии веќе доставија покани за гостување, чекаме Заев да избере време и место – велат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Во медиумскиот простор речиси 20 години отсуствува дуел на лидерско ниво. Експремиерот Никола Груевски со години одбегнуваше да се соочи со Заев како опозициски лидер, а јавноста не го виде во ТВ-дуел ниту со Црвенковски, кој неколкупати јавно го покани да си ги одмерат силите во телевизиско соочување. Последниот ТВ-дуел беше во 1998 помеѓу тогашните лидери Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

