Македонија
Мицкоски: Поднесовме предлог-измени на Законот за енергетиката по скратена постапка, со кој нема да се зголеми цената на струјата на домаќинствата
Изминативе денови во јавноста една тема ги разбранува страстите и оправдано, тоа беше цената на електричната енергија, која практично ќе биде регулирана од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија во неделите што следуваат, а која ќе биде апликативна, односно важечка од 1 јули заклучно со 31 декември 2024 година. Во јавноста проструи информација дека таа ќе претрпи значителни корекции во негативен тренд за граѓаните, односно ќе биде зголемена. Како идна влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела. Но, исто така како идна влада имаме одговорност, а тоа го ветивме пред граѓаните за време на кампањата на претседателските и парламентарните избори, дека тие ќе бидат нашиот приоритет, стандардот на граѓаните ќе биде наш приоритет и како такви и како идна влада имаме намера сериозно да се грижиме за стандардот на граѓаните, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„И да не дозволиме истиот тој стандард, поради ситни интереси на поединци, да биде начнат, односно загрозен. Во таа смисла група пратеници од коалицијата ‘Твоја Македонија’, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, прво, потпишан сум јас, доставивме до архивата на македонското Собрание предлог-закон за дополнување на Законот за енергетиката по скратена постапка. Каков е всушност овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетиката? Тоа е всушност предлог-закон со кој нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинството, односно стандардот на граѓаните ќе биде заштитен. А со овој предлог-закон нема да се дозволи она што проструи изминативе денови во јавноста како информација да биде драматично зголемена цената на електричната енергија. Цениме дека со овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетиката по скратена постапка, особено домаќинствата што се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија. А исто така очекуваме и оние што влегуваат и во третата и четвртата група зголемувањето на цената на електричната енергија да не биде значително, односно да се движи помеѓу 1 и 2 %. Тоа е она што ние како идна влада можеме да го направиме“, додаде Мицкоски.
Како што посочува, нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата што добиваат електрична енергија од универзалниот снабдувач.
„Сега би навлегол малку и во суштината, ќе ми треба и стручно објаснување, ќе се обидам на едноставен начин сето тоа да го доближам до вас за да може на македонската јавност, на граѓаните, да им биде појасно. Како се формира цената на електричната енергија? Цената се формира како збир од четири собирока. Тоа е цената што за своите услуги ја наплаќа МЕПСО, цената што за своите услуги ја наплаќа ‘ЕВН дистрибуција’, цената што за своите услуги ја наплаќа операторот на пазар МЕМО, плус цената на самата електрична енергија.
Вие слушнавте во јавноста дека самата цена на електричната енергија, која поранешно ЕСМ, сега ЕЛЕМ, ќе ја доставува до компанијата која е универзален снабдувач, официјално сѐ уште таа цена не сме ја виделе, но слушнавме дека Владата донесла одлука на една од седниците таа цена да се зголеми. Од тоа што можевме во јавноста да го слушнеме, цената од 57 евра донеле одлука да ја зголемат на 60 евра за мегават-час, ќе видиме дали е тоа така. Но, бидејќи ние сме внимателни, рековме дека наш приоритет претставуваат граѓаните и нивниот стандард, затоа предвреме преземаме мерки со кои не би се случил овој ценовен шок за потоа да имаме инфлаторна спирала, која ќе го начне стандардот на нашите граѓани. Да се вратам сега на формирањето на цената. Сите овие 4 собирока се множеа со коефициентот 1,115. Зошто со овој коефициент, затоа што тоа беше старата маржа што универзалниот снабдувач ја наплаќаше од домаќинствата или тоа е 11,5 %.
Откако истече тој рок односно од како истече лиценцата со старата маржа за стариот универзален снабдувач се распиша нов јавен оглас, нов тендер и најповолната понуда ја намали таа маржа од 11,5 на 9,9 проценти. Што правиме ние со овој закон, со овој закон всушност односно дополнување на законот за енергетика всушност велиме дека не е потребно бидејќи станува збор за исто правно лице повторно формирање на ново правно лице, нова структура нови трошоци за банкарски сметки нови процедури и така натаму нешто што ќе трае со месеци туку велиме дека бидејќи станува збор за старо нов бидејќи истиот кој што и порано бил универзален снабдувач како правно лице ќе продолжи да биде универзален снабдувач како правно лице и во иднина, нема потреба да регистрира ново правно лице, бидејќи станува збор за истото, само му ја продолжува регулаторната комисија, по основ на овој предлог закон кој што ние го доставуваме за дополнување на законот за енергетика важноста на лиценцата и тоа значи дека наместо маржа од 11,5 проценти која што до сега им беше наплаќана на граѓаните, ќе биде наплаќана маржа од 9,9 проценти.
И истовремено упатувам порака до универзалниот снабдувач да врши многу внимателно оптимизација на своите потреби односно при набавката на електричната енергија да се води најпрво од интересите на граѓаните а потоа да направи вистинска оптимизација на своето портфолио кое што понатаму ќе го испорача кон граѓаните да не набавува количини на електрична енергија кои што нема да бидат потребни, туку да се држи до пристапот кој што ќе биде чесен, одговорен и пред се инспиративен за граѓаните, односно да направи оптимизација за својата набавка на електрична енергија.
Доколку овие две работи се случат, односно овој Закон за дополнување на законот за енергетика се донесе, ќе биде намалена маржата од 11,5% на 9,9 проценти и доколку универзалниот снабдувач направи оптимизација на своето портфолио, односно оптимизација на количините на електрична енергија, тогаш јас ве уверувам дека граѓаните нема да добијат повисоки сметки за електрична енергија. Ние сме влада која што е одговорна, ние сакаме да бидеме влада која што главен интерес ќе биде интересот на граѓаните, така во овој период додека сеуште не сме официјално влада се однесуваме, така ќе продолжиме во иднина.
А ќе сториме сѐ што е во наша моќ во овие шест месеци да го реорганизираме енергетскиот сектор во Македонија и веќе во следниот регулационен период од 1 јануари 2025 до 30 јуни 2025 година граѓаните да добијат поевтини сметки за електрична енергија, индустријата да добие, онаа што е на регулираниот пазар, поевтини сметки за електрична енергија. На тој начин инфлацијата ќе биде задушена, односно цените, наместо да се качуваат, ќе се намалуваат, граѓаните се нашиот приоритет и како идна влада имаме намера да ни бидат исклучиво важни граѓаните. Граѓаните направија тоа што требаше да направат, сега идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да направи за граѓаните“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

