Македонија
Мицкоски: По повеќе од 20 години, Владата и ЗЕЛС се партнери во многу процеси
„Тие средства се предвидени во ребалансот и веќе на следната седница, која што ќе се случи сега во вторник, очекуваме овие средства почнат полека но сигурно да се користат за таа намена за која што се потребни, а тоа се за потребите на граѓаните преку општините“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со проектот за пренамена на 250 милиони евра за општините.
Тој очекува Министерството за локална самоуправа наскоро да објави јавен повик на кој општините треба да аплицираат со проекти.
„Очекувам Министерството за локална самоуправа час поскоро да објави јавен повик и на тој начин општините да аплицираат со проекти и тие проекти потоа да бидат финансирани преку најпрвин овие 6 милијарди денари кои што се дел од ребалансот, а потоа и со нови 15 милијарди денари кои што ќе бидат предвидени во новиот буџет“, рече Мицкоски.
Подвлече дека за прв пат во историјата на независна македонска држава, после повеќе од 20 години, Владата и ЗЕЛС потпишаа меморандум за соработка и на тој начин ќе бидат навистина партнери во многу процеси важни за граѓаните. Бидејќи според него, Владата и градоначалниците се тука да бидат слуги на граѓаните и да работат за интересот на граѓаните.
„За прв пат во историјата на независна македонска држава имаме ваков тип на пристап помеѓу централната Влада и помеѓу општините. Впрочем, после повеќе од 20 години, заедно со ЗЕЛС, заедно со претседателот на ЗЕЛС излеговме пред јавноста и кажавме дека ова е историски момент кога прв пат Владата и ЗЕЛС ќе потпишат меморандум за соработка и на тој начин ќе бидат навистина партнери во многу процеси важни за граѓаните, бидејќи и Владата и градоначалниците се тука да бидат слуги на граѓаните и да работат за интересот на граѓаните“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

