Македонија
(Видео) Собир за Никола пред Собранието, граѓаните оддадоа почит и запалија свеќи
Граѓани се собраа пред Собранието на РМ за да му оддадат почит на загинатиот член на навивачката група „Комити“, 20-годишниот Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше нападнат и брутално претепан од три лица, а вчера им подлегна на повредите.
На собирот присуствуваше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се појави во дрес на Вардар и пред сликата на младиот навивач, поставена непосредно пред Собранието, запали свеќа.

Потоа Мицкоски го соблече дресот и го остави во спомен на Саздо.

Собирот се одржа без пароли, без извици, за предвреме починатиот Саздовски. Најавено е дека утре ќе се организира и марш во негова чест, иако точната рута и терминот во моментов не се прецизирани.

Собирот претходно беше најавен на социјалните мрежи, со цел да му се изрази последна почит на починатото момче, чиј погреб се одржа денеска на гробиштата во селото Ракотинци.

Претходно, членови на навивачката група „Комити“, пред Собранието исто така запалија свеќи за Никола. На групата млади луѓе им се приклучија и неколку случајни минувачи, како и граѓаните што со денови ја блокираат улицата пред Собранието во знак на протест против промената на името. Тие во рацете држеа фотографии од починатото момче.

Саздовски, кој минатата недела беше претепан на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда, им подлегна на повредите вчера, по неколкудневното лекување на КАРИЛ. Инцидентот се случил на 29 јуни околу 17:30 часот кога Саздовски бил нападнат од Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. По преземени мерки, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

