Македонија
Мицкоски-Сијарто: Потребен старт на преговорите на Македонија и ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски се сретна со министерот за надворешни работи на Република Унгарија, Петер Сијарто.
На средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја изрази големата благодарност за помошта која Унгарија и ја даде на Македонија во текот на кризата со пандемијата, но и поддршката која континуирано ја дава неговата држава на нашите евроинтеграции. Воедно се заблагодари за донацијата на вакцини против коронавирус, што после помошта од нашиот северен сосед, е втора поединечна донација на држава пријател на Македонија.
„ Беше афирмирана потребата од скорешен старт на безусловни преговорите на Република Македонија и Европската Унија, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија и истото ќе значи реални реформи со помош на нашите европски партнери“, истакна Мицкоски.
Господинот Мицкоски истакна дека Македонија за жал поради состојбата во која се наоѓа, секој месец трпи назадување на сите полиња, а особено на полињата на борба со криминалот, владеењето на правната држава, економијата и речиси сите аспекти на живеењето. Откочувањето на процесот би бил гаранција дека нема да се случуваат скандали од типот печатење на 214 официјални пасоши на светски криминалци, злоупотреба на европски средства, криминални тендери или јавни набавки во кои највисоки структури на власта на дневна основа се поврзуваа со криминални скандали и коруптивни афери.
Македонија е држава која има потенцијал и која не заслужува да биде рангирана со земји од третиот свет по корупција, сиромаштија и справување со КОВИД кризата само поради лошото владеење на оваа власт, туку напротив со стартување на преговорите и промена на актуелната владејачка гарнитура ќе биде за брзо време компететивна на многу полиња и реформи со други европски земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.