Македонија
Мицкоски со емоционален говор за Холокаустот, сеќавање на 7.000 депортирани македонски Евреи
Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на церемонијата по повод 80-годишнината од Холокаустот, која се одржа во Меморијалниот центар во Скопје.
Во својот говор, Мицкоски изрази почит, тага и надеж, сеќавајќи се на страшните жртви од Втората светска војна и трагедијата која не ја одмина ни Македонија.
„Над 7.000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати. Но, историјата не е само спомен, таа е лекција“, истакна премиерот, додавајќи дека нашата обврска е да ја зачуваме вистината и да се спротивставиме на заборавот.
„Нашата цел е да изградиме општество засновано на толеранција, правда и меѓусебно почитување,“ додаде тој.
Мицкоски истакна дека фразата „Никогаш повеќе“ не е само симбол, туку и залог за иднината, за да се осигура дека трагедијата на Холокаустот никогаш нема да се повтори.
„Нека споменот на жртвите биде вечен“, порача премиерот, обраќајќи се до присутните во Меморијалниот центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре делови од Општина Гази Баба без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализацијa известуваaт дека утре ( четврток ) поради промена на шибер Ф-80мм на ул.Јани Лукровски бб и пред Т.Ц во населба Автокоманда, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул.Јани Лукровски.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот.(општина Гази Баба)

