Македонија
Мицкоски: Транзитот на гас низ Македонија е во корист на Европа – работиме на изградба на интерконектори
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Лондон се осврна на енергетиката.
„Енергетиката е денес важно прашање во светот во услови на руска агресија на Украина. Да се зборува за енергетика во политиката е една работа, а кога се зборува за реализација на енергетски проекти од технички аспект е сосема друга. Да нагласам дека реализацијата на енергетските проекти бара време, не може само да замислиш и веднаш истото да се реализира. Мора да направиш план, да ја завршиш домашната работа и потоа да следи една декада до реализација“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека е неопходна регионална соработка на овој план, бидејќи сите земји од регионот и Европа треба да најдат алтернатива на рускиот гас и неговата злоупотреба за политичко влијание.
„Мора да ги консолидираме нашите планови и да работиме заедно, затоа што без разлика дали сме членови на ЕУ или кандидати за членство, ние мора да работиме заедно, затоа што сите ние сме поврзани. Ние сме мала земја, ние не сме голем конзумер на енергија, но сме значен дел затоа што сите транзитни договори низ Украина истекуваат до крајот на годината. Единственото решение ќе останат јужниот и турскиот поток што значи руски гас и Русија ќе го искористи тоа за политичко влијание. Затоа мора да најдеме начин како да го замениме рускиот гас со други извори“, кажа п Мицкоски.
Посочи дека Македонија забрзано работи на полето на енергетиката, се работи на изградба на интерконектори и целта е државата да има важна улога во идниот транзит на азербејџански, катарски, американски или друг извор на гас кон Европа.
„Ние можеме да бидеме значаен транзитен фактор. Ние ја забрзуваме изградбата на интерконектор со Грција и наскоро ќе почнеме со изградба на интерконектор со Србија. Со тоа и централно европските земји би имале подобар пристап до азербејџански, катарски, казахстански и гас од САД. Транзитот низ мојата земја е во корист на Европа. За таа цел ние имаме нов ресор во Владата, министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кое ќе биде одговорно за ова прашање, бидејќи сакаме да бидеме значаен играч на ова поле“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

