Македонија
Мицкоски: Трговската размена со Германија надминува над 5 милијарди евра, наш приоритет е економско стабилизирање на државата
Наш приоритет е економско стабилизирање на државата, нешто што на Македонијаѝ е насушно потребно. Наш приоритет е да бидеме пријатели со бизнис-заедницата, огромна е трговската размена помеѓу двете држави, таа надминува 5 милијарди евра. Од статистиката и информациите со кои јас располагам, повеќе од 25 илјади македонски граѓани се вработени во компании што доаѓаат од Сојузна Република Германија и очекувам тој број да расте, посочи премиерот Христијан Мицкоски.
„Веќе неколку инвестиции како Влада ги почнавме, за нив зборуваше и почитуваната претседателка на Комората, очекуваме многу бргу денеска уште еден камен-темелник на уште една белгиско-германска компанија, но и во периодот што следува очекуваме почеток на нови инвестиции на компании што се веќе присутни и ќе има проширување, би рекол продлабочување на производното портфолио на овие компании. Ние како Влада ќе сториме сè што е во наша моќ да помогнеме, затоа што нема поголемо задоволство ниту за мене ниту за членовите во Владата од тоа кога ќе отворите ново работно место, кога ќе можете да помогнете да му уште на некој македонски граѓанин да остане тука дома наместо да се сели надвор, новоотворено, добро платено работно место ќе значи и подобар стандард“, рече Мицкоски и додаде:
„Мене ме охрабруваат првите индикатори во економијата во јули и август, тековен е сега септември, како ќе одминува месецот, ќе ги следиме параметрите и во овој месец, но во јули и август можам да кажам дека оние податоци што се појавија, тоа е поголемото индустриско производство со големо учество на преработувачката индустрија охрабрува, 3,8 %, 4 % по неколкумесечниот пад, кој беше особено жесток во април, мај, јуни, сега конечно имаме позитива и очекувам и во август и понатаму во следните месеци до крајот на годината да имаме позитивни резултати за индустриското производство и за преработувачката индустрија, исто така БДП во вториот квартал е 2,3 % над очекувањата што беа поставени од страна на многу меѓународни финансиски институции. Очекувам во следните месеци тоа да биде уште поголемо, исто така можам да кажам дека инфлацијата постепено во месец конвергира кон оној оптимум што го посакуваме, тој е 2,2 % во негатива од тоа што го очекувавме, значи позитивни се и таму индикаторите во споредба со август минатата година. Така што, ако се анализираат сите овие параметри, можеме да дојдеме до заклучок дека имаме раздвижување во делот на економијата и очекувам тоа така и да продолжи во периодот што следува. Со ова денешно присуство сакаме да испратиме порака дека Владата и бизнис-заедницата се партнери и така треба да продолжат да функционираат во иднина“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

