Македонија
Мицкоски: Убијците од „Мавровка“ излегле од затвор кога СДСМ биле на власт
„Убијците од „Мавровка“ избегани биле кога бил СДСМ дел од владата“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на опозицијата.
Според премиерот, важно е дека криминалците се фатени и изведени пред лицето на правдата.
„Но, видете она што е важно е дека е загубен човечки живот, а криминалците се фатени и изведени пред лицето на правдата. И јас ви кажав неколку пати во јавноста ќе повторам и сега, секој оној кој што мисли да се занимава со криминал, ќе биде фатен и ќе биде испратен онаму каде што му е местото, позади решетки“, истакна тој и додаде:
„Мора професијата криминалци и криминал да ја направиме неисплатлива, ако сакаме да се ослободиме од криминалците и криминалот. Без разлика дали станува збор за вакви безочни убијци, дали станува збор за политички криминалци, дали станува збор за друг тип на криминал и корупција“.
Личен приоритет на премиерот Мицкоски е битката против ваквите елементи и ваквото девијантно однесување и според него, секој кој што мисли дека со криминалот може да профитира и е исплатлива професија, многу скоро денеска ќе се разочара.
„Ние мораме како Влада и како држава сериозно да се занимаваме со битката против ваквите елементи и ваквото девијантно однесување и тоа е мој личен приоритет. Ќе повторам, секој криминален битанга кој што мисли дека со криминалот може да профитира и е исплатлива професија, многу скоро денеска ќе се разочара и ќе биде пронајден и истиот ќе биде сместен онаму каде што му е местото, а тоа е позади решетките“, рече тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека постојат политички глодари, кои што мислат дека на сметка на загубените животи, ќе спечалат некаков политички поен.
„Постојат политички глодари, кои што мислат дека на таков начин ќе спечалат некаков политички поен на сметка на загубените животи, но жалам што таков тип на политички глодари не го гледаат минатото и не гледаат што оставија и што правеа додека беа тие во Владата и што всушност ние денеска мораме да поразиме, кое што е овставштина и би рекол наследство од тоа време кога владата на СДСМ и ДУИ беше во Влада. Но, ќе се бориме и победиме. Треба на сите да им е јасно, не се само тие, набљудуваме уште неколку групи и овде во Скопје и неколку други градови низ цела држава, во цела Македонија гледаме неколку групи. Овдека идентификувавме три групи, кои за жал имаат своја логистика и во некои од затворите, кои што се занимаваат со изнуда, со тероризам, со рекетирање, со тежок облик на криминал, точно ги знаеме кои се и очекувам многу скоро и за нив бавењето со криминал да биде неисплатлива професија“, дециден е премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

