Македонија
Мицкоски: Ќе дадеме поддршка на Алијанса и Алтернатива за интерпелацијата на Спасовски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мискоски, изјави дека опозицијата ќе ја поддржи иницијативата на Алијанса и Алтернатива за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. При тоа рече дека очекува заедно со албанскиот опозициски блок да има мнозинство пратеници кои ќе му изгласаат недоверба на министерот и тој да си замине од функцијата.
„Ќе им дадеме апсолутна поддршка на партиите од албанскиот опозициски блок, затоа што човекот е најголемиот заштитник на оваа крими коалиција која владее со Македонија во изминатите години. Имаме и свои аргументи зошто ќе ја поддржиме ова интерпелација, затоа се надевам на исцрпна дебата во Парламентот и на поддршка од мнозинството, со што ќе му изгласаме недоверба на најнеуспешниот министер досега. На човекот кој не му избега некој ‘џепчија’, сè што беше одговорно за криминалот во државата му избега и кој знае каде се наоѓа по Европа. И не е само тоа, има многу афери околу него, ќе имате можност да ги чуете деновиве, како што се дуплите матични броеви, за бројот на издадени државјанства и кому сè се издавале тие државјанства“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.
Македонија
УЈП спроведе 243 контроли за фискализација минатата недела: кај 37,4% од контролираните субјекти утврдени неправилности

Во периодот од 11.08.2025 – 17.08.2025 година, Управата за јавни приходи спроведе вкупно 243 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало.
Како што известува УЈП, контролите биле реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од вкупно 243 контролирани субјекти, кај 37,4% односно 91 од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.
За седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:
· Во Скопје извршени се 31 контроли, а утврдени се 13 неправилности;
· Во Битола, Охрид, Струга, Демир Хисар и Ресен извршени се 67 контроли, а утврдени се 12 неправилности, од кои: 1 во Битола, 1 во Охрид, 6 во Струга, 1 во Демир Хисар, 3 во Ресен;
· Во Прилеп, Кавадарци, Велес и Кривогаштани извршени се 42 контроли, a утврдени се 12 неправилности, од кои 2 во Прилеп, 1 во Кавадарци, 7 во Велес и 2 во Кривогаштани;
· Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 44 контроли, а утврдени се 29 неправилности, од кои: 17 во Тетово, 9 во Гостивар и 3 во Дебар;
· Во Куманово и Крива Паланка извршени се 16 контроли, а утврдени се 2 неправилности, од кои во Куманово не се утврдени неправилности, а 2 неправилности се утврдени во Крива Паланка;
· Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Василево, Пехчево и Берово извршени се 43 контроли, а утврдени се 23 неправилности, од кои: 12 во Струмица, 3 во Дојран, 4 во Гевгелија, Богданци без неправилности, 1 во Василево, 1 во Пехчево и 2 во Берово. Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување, се наведува во соопштението на УЈП.