Македонија
Мијалков: Не знам од каде Камчев знаел работи за „Монструм”
Обвинетиот Фејзи Азири го испитуваше сведокот и ексдиректор на УБК Сашо Мијалков. Тој се интересираше дали била побарана помош од американската амбасада за расчистување на случајот.
„По моето приведување на први мај, дали вие имате поднесено досие во врска со осомничените за петкратното убиство во американската амбасада и дали сте побарале помош за расветлување на овој случај”, го праша обвинетиот Фејзи Азири, а сведокот Сашо Мијалков рече: „Во добар дел одговорив на тие прашања. Како и за други случаи, и за овој имаше размена на информации. Не можам да се сетам дали сум однел досие во амбасадата. Јас лично немам побарано помош од нив”.
Разговор меѓу Орце Камчев и новинарката Оливера Трајковска беше цитиран во судницата од страна на обвинетиот Фејзи Азири.
„Има разговор во кој Орце Камчев ја информира новинарката дека е однесено досие во американска амбасада и побарал четворица од Косово да бидат испратени од таму или тие да ги земат. Кои се тие четворица?”, праша Фејзи Азири.
„Јас не знам од каде Орце Камчев ги знае тие работи. Мислам дека се работи за Алир Демири и уште едно лице на кое не можам да се сетам и уште двајца на кои не можам да се сетам”, одговори Мијалков.
Азири го праша Мијалков дали пред и по настанот функционирале камерите од „Смарт сити”, а тој одговори тоа да го провери во МВР.
„Не можам да знам дали пред 8 години функционирале камерите или не”, рече Мијалков.
Азири поставуваше повеќе прашања, а меѓу нив имаше и констатации, што не е дозволено. На ова до судот бурно реагираа семејствата на убиените, па преговараа, по што судот го уважи приговорот.
„Овој сам си поставува прашања, сам си одговара”, рече родителот на убиеното момче, Горан Наќевски.
Обвинетиот Азири побара од Мијалков да каже дали имало барање од ДУИ да не се направи истрага за некое лице или група, односно дали трпел притисоци.
„УБК никогаш не барала поддршка во работењето од политичка партија”, рече Мијалков.
Прашањата од Азири кон Мијалков траеа речиси еден час. Тој следно го праша „Како ви дојде идеја да го истражувате случајот само од една страна, само за инволвираност на Албанците?”
„Јас како директор на УБК, од информациите кои добивав од моите потчинети, можам да ви кажам дека на почетокот е немавме никакви информации. Така што тоа што го кажавте е неточно. Истрагата беше во многу насоки. Материјалните докази нè насочија, но и други докази, како ПИ-мерките итн. Од првиот ден немаше никакви информации за која група се работи, а се најдоа како резултат на 20-дневното перманентно работење на МВР”, одговори Мијалков.
Ексдиректорот на УБК беше прашан од обвинетиот за автомобилот „опел омега”.
„Возилото беше од Швајцарија, преку Косово влезено во Македонија”, рече Мијалков.
Азири праша дали Мијалков пред убиството на Смилковско Езеро добивал информации од Љупчо Тодоровски, Синиша Алексовски, што, пак, ексдиректорот на УБК, веднаш го негираше.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

