Македонија
Мијалков не се сеќава на анализата за „Монструм“
Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков сведочеше на рочиштето за „Монструм”. Тој кажа дека откако било поднесено обвинение, биле правени анализи кои биле во интерес на Управата. Обвинителката Фатиме Фетаи го праша каква анализа била направена од УБК, за која преку телефон на Гордана Јанкулоска ѝ рекол: „Направив добра анализа”.
„Анализата за која зборувам е од јануари 2013 година”, рече Фетаи, а Мијалков одговори: „Не знам за која анализа зборувате. Не можам да се сетам на комплетниот разговор за кој зборувате. Управата прави анализи за сите случаи кои се од нејзин домен”.
На голем дел од разговорите, Мијалков рече дека не се сеќава.
„За 10 години, имаме разговарано за многу луѓе. Тоа е веројатно размена на информации со странски служби”, рече Мијалков прашан дали се сеќава на разговорот меѓу него и Јанкулоска каде се споменува некое лице именувано како Шукри Али.
Мијалков тврдеше дека УБК немала сознание, ниту некој предочил дека ќе се случи убиството на петте лица кај Смилковско Езеро.
„Немавме сознанија, ниту некој предочил дека тоа ќе се случи”, рече Мијалков.
Тој не можеше да се сети дали зборувал со Муса Џафери за „Монструм”. Во прислушкуван разговор од 10.10.2012 година, Фетаи во судницата рече дека се слуша: „Јас се слушнав со Али, го прашав дали е во тек, рече не, прашајте таму. Проверете го новиот случај таму”, вели Џафери во разговорот, а потоа Мијалков во разговорот вели: „Навистина не сум во тек, тој е во судска постапка, ама ќе проверам”. Мијалков не се сеќаваше на овој разговор.
Мијалков на прашање рече дека обвинетите од „Монструм” ги знае по физиономија од медиумите, но не и лично.
„Целата истрага ја водеше БЈБ, беа разменувани информации на дневна основа. Поминаа 8 години, мислам дека треба да ме разберете”, рече Мијалков на прашањето дали некогаш го видел исказот на загрозениот сведок.
Родителот на едно од петте убиени момчиња Горан Наќевски имаше прашања до Мијалков. Тој праша дали е точно дека имало вмешаност на тајните служби во „Монструм”, како што Заев им кажал на мајките на убиените момчиња при средба во Владата.
„Јас можам да сведочам за она што сум го слушнал и видел. За каква вмешаност ви кажувал премиерот, навистина не знам”, рече Мијалков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.

