Македонија
Мијалков се враќа во судница за да му судат за најмасовното прислушување, предмет кој е пред застарување и на пат да заврши без одговорност
По речиси два месеца од укинувањето на пресудата, денеска почнува новото судење за масовното прислушување, односно предметот „Таргет – Тврдина“. Со полициско комбе и придружба, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, треба да биде спроведен од затворот во Струга до Кривичниот суд. Предметот ќе го суди судијата Илија Трпков бидејќи Владимир Туфегџиќ, кој во претходната постапка ја донесе пресудата за овој предмет, си замина од Кривичниот суд. По денешното, ново судење за прислушувањето е закажано веќе за утре. Во овие два дена обвинетите ќе се произнесат за вина, па судијата ќе треба да одреди динамика за идните судења.
За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден оти се пред застарување. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години.
Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.
Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.
Претходно, Кривичниот суд донесе осудителна пресуда, а Апелација ја укина. Образложението зошто предметот треба да се суди одново е дадено на седум страници. Меѓу другото, главната забелешка била што во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите се прогласени за виновни. Апелација бара и да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот една година и 10 месеци. Доколку не го вратеа предметот на повторно судење, а со преотворање на главната расправа и повторен главен претрес можеа да пресечат дали обвинетите се виновни или не. А потоа ќе се произнесеше Врховниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).