Македонија
Младински образовен форум: И по една година не се избрани нови и легитимни студентски претставници
На 2 мај 2018 година Собранието го изгласа новиот, долгоочекуван Закон за високото образование (ЗВО). Овој нов закон внесе надеж помеѓу академската заедница и стручната јавност дека, конечно, високото образование во Македонија ќе тргне со полна пареа напред.
Иако помина повеќе од една година од донесувањето на овој закон, пропуштени се скоро сите рокови за формирање нови тела предвидени во него, а се уште нема најави ниту кога ќе се случи изборот на нови и легитимни студентски претставници, реагира Младинскиот образовен форум.
Според нив, новиот закон предвидува формирање на Агенцијата за квалитет на високото образование, која треба да биде составена од одбор за евалуација и одбор за акредитација. Оваа Агенција беше голема надеж за конечно унапредување на квалитетот на нашето високо образование. Рокот за нејзино основање е 1 година од донесувањето на новиот закон, но Агенцијата се уште не е основана, ниту пак одборите за евалуација и акредитација.
,,Притоа, треба да се напомене дека Одборот за акредитација е тело кое, меѓу другото, дава дозволи за формирање на високообразовни установи, како и нивно одземање. Одборот за евалуација, пак, го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи и предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата. Според тоа, во моментов во државата не постои тело кое го оценува и следи квалитетот на академскиот кадар на високообразовните установи и нивните студиски програми.
Дополнително, законот предвидува формирање Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, една година по негово стапување на сила. И ваков Совет се уште не е формиран, ниту пак има информации кога тоа ќе се случи”, се додава во реакцијата.
,,Законот предвидува и посебен орган на Универзитетот, наречен Студентски правобранител, кој ќе се грижи за правата на студентите и ќе постапува по нивни претставки, како и по своја сопствена иницијатива. Ова, исто така не е исполнето, а студентите чии права се прекршуваат и понатаму немаат кому да се обратат за помош.
Истовремено, нема никакви најави кога ќе се случат изборите за студентски претставници на најголемиот и најстар македонски универзитет („Кирил и Методиј“), иако новиот ЗВО предвидуваше најдоцна во ноември, 2018 година. Згора на се’, и покрај тоа што законот предвидува рок од 6 месеци од негово стапување да се спроведуваат избори – тоа не се случи.
МОФ како младинска организација која постојано го следи статусот и состојбата на студентското организирање веруваше дека студентите најпосле ќе добијат свои претставници, па оттаму ќе можат директно да се вклучат во процесот на донесување на одлуки – во рамки на факултетот и на универзитетот на кој студираат. Законскиот текст гарантира сегменти од високото образование кои беа исклучително потребни во перидот коj претходеше на пишувањето на законскиот текст. Па така, во него се регулирани: студентското учество, агенцијата за квалитет на високото образование, студентскиот правобранител, карирерните центри на факултетите, национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, и други предвидени тела со соодветни рокови за имплементација и основање на истите.
Дел од задоцнетата имплементација на Законот се должи на одолговлекувањата во процесот на усвојување на Статутите на универзитетите во Собранието, како основач на државните универзитетите. Па така, не само што универзитетите немаат студентско учество и студентски правобранители, туку немаат ниту соодветни статути усвоени од Парламентот и покрај тоа што навремено ги направиле промените согласно новиот ЗВО.
Загрижува тоа што и покрај пропишаните преодни и завршни одредби, казни за непочитување и неимплементирање на законот, надлежните институции не наоѓаат за сходно да се бават со високото образование, кое за жал не оди во нагорна линија. Дополнително, во делот за прекршочни одредби од Законот за високото образование, предвиденa е глоба од 2.000 евра за правното лице, доколку, меѓу другото не формира центар за кариера и не распише избори за факултетско студентско собрание. Оттука, се поставува прашањето дали надлежните институции ќе бараат одговорност од универзитетите и факултетите за непочитување на законот и дали конечно квалитетот на високото образование ќе се вброи помеѓу приоритетите на нашите Влади?, се вели во реакцијата на Младинскиот образовен форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

