Македонија
Младите во Македонија не се задоволни со своето место во општеството и би се иселиле
Две третини од младите (64,8%) во земјава се незадоволни од своето место во општеството, покажува студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Студијата покажува дека 58% од младите би се иселиле, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата. Повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата.
Студијата покажува дека 69% од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27%) кои биле консултирани на локално или национално ниво. Бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15% во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување. Важноста од вклучувањето и активноста на младите генерации ја покажува податокот дека младите кои се вклучени во младинско организирање имаат попозитивна слика за себе и своето место во општеството.
Влезот во Европската Унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019. Речиси половина (44%) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.
Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби.
Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15% им се намалила платата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.
За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на Ковид-19.
Истражувањето беше спроведено преку телефонска анкета од страна на ТИМ институт во 2020-та година, а е изработено од Младински образовен форум и Фондацијата за демократија на Вестминстер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

