Македонија
Младите ќе добијат ваучери од 3.000 до 30.000 денари помош од Владата
Со 12 милиони евра Владата ќе ги помага младите и нивната куповна моќ преку три мерки што ги воведува за нив. Тие предвидуваат паричната помош да ја искористат речиси 100 илјади лица. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кажа дека станува збор за три типа ваучери од 6.000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, 30.000 денари за млади до 29 години, со цел нивна дообука за ИТ и дигитални вештини, како и 3.000 денари за студенти, со цел купување домашни производи.
„Првиот тип на ваучер, со максимален износ со 6.000 денари, ќе им се доделува на студенти и средношколци од семејства со ниски примања, а средствата ќе се користат исклучително за покривање партиципација, за студирање на универзитетите и за сместување во ученички и студентски домови и во регистрирани сместувачки капацитети. Вториот тип поддршка е домашна платежна картичка, со расположлив износ од 3.000 денари, која ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување домашни производи и услуги во одредени услужни дејности, кои се најпогодени од кризата. Третиот тип на ваучер, со максимален износ до 30.000 денари, е наменет за млади до 29 години за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, кои и тоа како се потребни и барани со години, но и се услов за наоѓање работен ангажман“, рече Адеми.
Начинот за аплицирање ќе се објаснува дополнително.
„Сетот мерки што ги спроведовме за непречено функционирање на образовниот систем, со цел граѓаните да добијат нови можности за едукативна надградба, сега се проширува со уште една мерка од економски аспект и со директно влијание врз личната финансиска моќ. Верувам дека мерката ќе биде прифатена од младите бидејќи ќе помогне за олеснувањето на состојбата во која се наоѓаат, како и на куповната сила. Владата предвиде доделување три типа парична поддршка – за млади до 29 години, студенти и ученици, како придонес кон нивната куповна моќ“, рече Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

