Македонија
МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација
Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Во таа насока, како што информираат, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
„Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Во оваа насока, потсетуваме дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.

