Македонија
МНР: Македонските државјани да ја напуштат Русија со комерцијални летови, копнени и морски линии
Со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и Македонија, за затворање на европскиот воздушен простор за руските авиопревозници, МНР апелира нашите граѓани што престојуваат на територијата на Руската Федерација да ги искористат сѐ уште расположливите комерцијални летови, копнени и морски линии за напуштање на таа земја. Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авиолиниите од и кон Русија.
„Соодветно, ги повикуваме сите државјани на Северна Македонија, кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација, да се воздржат од патувања таму.
Министерството за надворешни работи ги следи одблиску состојбите и е во постојана комуникација со нашите партнери и сојузници со кои на дневна основа разменуваме информации и анализи за актуелните состојби.
За поддршка на државјаните на Северна Македонија, кои моментно се наоѓаат во Руската Федерација, стојат на располагање следните телефонски броеви на Амбасадата: + 74 99 124 33 57 (фиксен), + 79 58 643 34 63 (мобилен), е-mail: [email protected], [email protected].
Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и на следната имејл-адреса: [email protected]
Воедно, ги известуваме сите наши граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од нашата држава, да ги следат и да се информираат само од официјалните канали на информирање што доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва.
Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Русија и навремено ќе информира за евентуални дополнителни насоки за постапување на нашите државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

