Македонија
МНР ќе испрати писмо до Европскиот парламент за навредите од бугарскот европратеник

Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.
Исто така, МНР ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев.
„ И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел од нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија.
Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“ додаваат од МНР.
Од министерството велат дека на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
МНР со жалење констатира дека радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно време, со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Борче Стаменов од „Донирај компјутер“ и доц. д-р Ирфан Ахмети добитници на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година

Борче Стаменов и доц. д-р Ирфан Ахмети се добитници на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година, соопшти Министерството за култура и туризам.
Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ одлучи наградата за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, во 2025 година да им се додели на: Борче Стаменов од „Донирај компјутери“ и на доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 26.8.2025 година во 11 часот (вторник) во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
Одбележан 18 Август – Денот на Армијата

Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната „Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.
На централната свеченост се обратија: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе: „Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како востински custos patriae, чувар на татковината.“, притоа истакнувајќи: „Нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ до ангажманот во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции.“
Во ова прилика, претседателката се наврати на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња, а тоа ја нагласува важноста за самоодржливост, зајакната способност за одвраќање, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент со оние на НАТО за да бидеме компатибилни со европската безбедност.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.
„Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина“, заклучи Мисајловски пред државно – воениот врв.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе: „Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам“, притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.
Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работеше, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност. За идните чекори на Армијата, генералот нагласи: „Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта.“ На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.
Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со „Орден за воени заслуги“. Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија – организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.