Македонија
МНР ќе ја прекине кампањата во медиумите за промовирање на претседавањето со ОБСЕ
Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку медиумите во врска со претседавањето со ОБСЕ.
Од таму велат дека претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешнополитички проект со кој Република Северна Македонија ќе се претстави во меѓународната јавност, но и проект што има значење и влијание и за севкупниот внатрешнополитички развој на земјата. Исто така, додаваат дека тоа не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите.
„Како што веќе информиравме, ангажирањето агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој претседавач со организацијата и активностите што се предвидени не се за пиар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја претседавач со најголемата регионална безбедносна организација. Покрај стратешкото комуницирање, ангажирањето на Агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект, кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на министри за надворешни работи.
Во рамките на првите денови од преземање на претседателството беа привремено постави веб-банери, кои се од информативно-едукативен карактер и преку нив на ниеден начин не се промовира ниту Министерството ниту неговата работа.
Без разлика на законските можности, по сугестијата, која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб-банери. Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор“, наведуваат од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

