Македонија
Можно е пожарот да бил предизвикан од стар кабел или инсталација, рече сопственикот на фирмата што ја реконструира Универзалната сала

Пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и можно е да бил предизвикан од стар кабел или стара инсталација, изјави Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“ – Скопје, фирмата изведувач што го реконструира објектот.
Тој рече дека во моментот на пожарот внатре немало инженери и работници зашто денеска немале градежни активности.
„Само еден инженер беше надвор од салата, во нејзините канцеларии, и имавме чувари, двајца работници. Во прв момент, претпоставуваме, дали стар кабел, не можеме да знаеме сега. Некоја стара инсталација, тргнал чадот, никој немало во салата. Моите мајстори се обиделе со противпожарен апарат да го изгаснат, тоа се иверки стари со години, суви и бргу горат“, рече Арсовски.
Тој се надева дека за новата конструкција ќе нема проблеми и рече дека без разлика кои се на власт – политички партии, градоначалници – оваа сала што побргу треба да се направи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: Скопјани се жртви на политички игри, дали ДПМНЕ намерно го остава ѓубрето и го саботира ЈСП?

Скопјани 4 години секој ден живеат во хаос, преполни контејнери, нечисти улици и јавен превоз во колапс. Главниот град е во заложништво на неспособноста на ДПМНЕ и нивните кавги со Данела Арсовска. Прашањето е дали ДПМНЕ свесно го остава ѓубрето во Скопје на улица, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Според него, очигледно игрите со ЈСП и Комунална хигиена се политички пресметки врз грбот на скопјани.
„Во Комунална хигиена четири години претседателка на Управниот одбор е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Јулијана Спировска. Сега ДПМНЕ ја наградува со советничко место во општина Бутел. За што? За нечистите улици? Или за реализација на партиските директиви губрето да биде на улиците, на штета на скопјани?“, праша Јанковиќ.
Тој, исто така, кажа дека ЈСП тоне во долгови, автобуси нема, учениците не знаат дали ќе стигнат на настава, граѓаните не можат навреме да стигнат на работа, на пазар, било каде.
„Четири години, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, претседавач со советот, но 4 години водат инает со Арсовска не носат одлуки а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ раководи со Управниот одбор на ЈСП но и со сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија во Скопје. Заклучокот е јасен, ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголемие виновници за катастрофата која што му се случува на Скопје. Скопјани се жртви на неспособноста и меѓусебни кавги меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска и политичките игри на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Јанковиќ.
Македонија
За шест месеци, 2.012 пожари на отворено во Македонија, уапсени 56 лица за подметнување

Од 01 април до 23 септември, регистрирани се вкупно 2.012 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 56 лица, а по преземени мерки поднесени се 32 кривични пријави, извести Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност.
Од МВР известуваат и дека од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 23.09.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми.
Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.
Македонија
Условната казна за случајот со терапијата за рак е непочитување на жртвите, рече Андоновска

Пратеничката Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека условната казна изречена за злоупотребата на терапијата за пациенти со рак претставува „потценување на интелигенцијата на народот и непочитување на жртвите“.
„Со години пациентите добивале физиолошки раствор наместо вистинска терапија. Додека тие мислеле дека се лекуваат, тие всушност умирале“, рече Андоновска.
Таа додаде дека, според обвинението, со оваа злоупотреба е направена штета од 2,2 милијарди денари врз буџетот, а истовремено стотици пациенти биле лишени од можност за продолжување на животот.
Андоновска порача дека по ваква пресуда, во нормални околности би следувале разрешувања и оставки во судскиот систем, кој, како што нагласи, е зрел за ремонт.