Македонија
МОН: Во ниту еден случај нема да дозволиме кој било ученик да остане без учебник
Министерството за образование и наука реагира на пре-конференцијата на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.
Од ова министерство потенцираат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжува со изнесување невистини поврзани со промените во образовниот систем кои многу одамна, како што посочуваат од министерството вклучително и во времето кога оваа политичка партија раководеше со институциите на системот, требаше да се случат.
„Во интерес на објективното информирање на јавноста, би сакале да потсетиме дека согласно транспарентноста на целиот процес на реформи и најавите, од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, што подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки“, напоменуваат од МОН.
Од ресорното министерство нагласуваат дека доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено од училиштето. Доколку, пак, сакаат но немаат можност за користење на дигиталните учебници, училиштата ќе бидат должни да им дадат на времено користење ИТ-уред, за што веќе се прават планови и подготовки секое училиште се опреми библиотека со соодветен број на таблет компјутери.
„Министерството за образование и наука во ниту еден случај нема да дозволи кој било ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен. Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме“, потенцираат од министерството за образование.
Од таму упатија апел до политичките партии наместо непотребно трошење време и ресурси за одржување прес-конференции и изнесување лаги и манипулации, тие да престанат да ја мешаат политиката во образованието заради остварување на дневнополитички агенди и поени, или да дадат поддршка на промените кои ќе се случат и да учествуваат во нивната имплементација и постигнување на ефектите кои ќе значат фаќање чекор со современиот образовен свет, сугерираат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

