Македонија
МОН го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта
Во Република Македонија во учебната 2017/2018 година во деветто одделение запишани се 20.699 ученици. За целосен опфат на сите ученици, со конкурсот обезбедени се доволен број слободни места, и тоа: 24.915 на македонски наставен јазик, 10.020 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик, односно 35.921 ученичко место во сите јавни средни училишта во Република Македонија.
Јавните средни училишта интерните огласи ги објавуваат на јавно место во училиштето најдоцна до 20 април 2018 година во рамките на вкупниот број ученици и паралелки утврдени со овој конкурс.
Бројот на поени за запишување во средно училиште остана ист за сите, и тоа: за гимназиско образование 60 поени, за здравствена струка 70 поени, за економско, правна и трговска струка 60 поени, за сообраќајна струка (за образовниот профил техничар за патен сообраќај 55 поени и за образовниот профил техничар за транспорт и шпедиција 60 поени) и за образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги 60 поени, за електротехничка струка, и тоа: за електротехничар за компјутерска техника и автоматика 55 поени, за електротехничар за електроника и телекомуникации 50 поени, а за другите образовни профили 45 поени.
За образовните профили во двегодишно и тригодишно траење бројот на поени за запишување изнесува 30 поени за сите профили.
При пријавувањето за гимназиско образование потребно е учениците уште при самиот упис да се определат во согласност со своите афинитети за соодветното подрачје и комбинација (А или Б) што ќе ја изучуваат во текот на нивното образование.
При пријавувањето учениците треба да ги поднесат следните документи: пријава за запишување (пријавата за запишување ученикот ја подигнува од училиштето во кое ученикот сака да се запише и таа е бесплатна); оригинални свидетелства од VI до IX одделение; дипломи, (доколку имаат) од освоени (I, II и III) места од меѓународни и државни натпревари од (мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката, односно изборното подрачје); извод од Матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).
Учениците при пријавувањето во спортската академија треба да достават и потврда за способности за спортски вештини за спортот за кој ученикот е проверуван. Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни.
Првото пријавување и запишување на учениците се врши на 18 и 19 јуни 2018 година, а ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 20 јуни 2018 година.
Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 22 јуни 2018 година, а конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 25 јуни 2018 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој ученикот ја следел наставата во основното училиште.
По објавување на ранг-листите со резултатите од запишувањето, учениците што не се запишани во училиштето задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 48 часа.
Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 28 јуни 2018 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 29 јуни 2018 година.
За учениците што се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, се организира втор уписен рок во август во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок.
Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 23 август 2018 година, а резултатите од запишувањето на учениците ќе се објават на 24 август 2018 година.
Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во гимназијата „Јосип Броз Тито“ се врши од 7 до 17 мај 2018 година.
Училиштата за второто пријавување може да го намалат утврдениот број минимум поени дадени во конкурсот најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економско-правна и трговска струка и здравствена струка.
Училиштата се должни со интерен оглас за второто пријавување да го истакнат утврдениот минимум поени со кои е можно учениците да конкурираат за запишување во определен план и програма. Објавувањето на минимумот поени треба да се изврши на 25 јуни 2018 година за второто пријавување.
Текстот е објавен интегрално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.
Македонија
Европски фронт: Скандалозен јавен политички притисок врз Управниот суд од страна на поразените на изборите
Европскиот фронт со голема загриженост ги проследи денешните скандалозни заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои загубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд, соопштија од оваа партија.
Европскиот фронт, како што велат, ги регистрирал заканитеи ја известил целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавните изјави со закани како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и со партиски притисоци до управниот суд.
Според нив, таквиот обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.
„Со политички договори и монструозен антидемократски план, изготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните.
Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор.
Ги повикуваме сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било партија и да го заштитат кредибилитетот на изборниот процес до крај, без да се стави никаква дамка на волјата на граѓаните изразена на изборите“, реагираат од Европскиот фронт.
Македонија
Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.
На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.
Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.
„За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ“, рекоа оттаму.