Македонија
МОН: Новата концепција е рамката на основното образование
Секоја новина предизвикува неизвесност од непознатото, така и најавата за воведување целосно нова концепција за основно образование предизвика грижи за она што ни претстои. За таа цел Министерството за образование и наука подготви презентација со појаснувања за некои од грижите што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.
„Воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање содржини од историја, граѓанско образование и географија наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од разни перспективи. Исто така, концепцијата за основно образование ја дава рамката според која се планира основното образование и документ не ги брише содржини од наставните предмети ниту, пак, предвидува менување на содржините од предметот историја. Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.
Интегрираните наставни програми позитивно влијаат на постигањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од границите на определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење“, велат од МОН.
Оттаму додаваат дека овој модел не е новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем (таков пример е предметот природни науки до шесто одделение). Многубројни истражувања покажале дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските помеѓу разни природни и/или општествени појави, да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење.
„Концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Но, направените анализи укажуваат дека сите наставници остануваат на работа бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален. Со предвидените слободни изборни предмети наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети според интересите и барањата на учениците“, појаснуваат од Министерството.
Во подготовката на новата концепција МОН се водеше од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4.168 наставници, кои ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои таа треба да се базира. Исто така, земени се предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции, кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието, наведуваат од Министерството за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
100 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас…“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
„Доколку ДПМНЕ добие преголема моќ ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство“, вели СДСМ
„Потребен е силен СДСМ во Собранието, да не се дозволи повторно инсталација на режим од страна на ДПМНЕ и играње со иднината, стабилноста и безбедноста на државата“, вели СДСМ.
„Доколку десничарска партија како ДПМНЕ добие преголема моќ, извесно е дека ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство.
Тоа ќе значи враќање назад повеќе од 20 години.
Поддршка за СДСМ и обединување на сите прогресивни сили во земјата е единствениот начин да се спречи повторно режим“, соопшти СДСМ.
Македонија
Пендаровски по повод Светскиот ден на слобода на медиумите: Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето
Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите.
„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.
Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.
Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање. На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите“, порача претседателот Пендаровски.