Македонија
МОН: Се воведува систем за кариерно следење на матурантите од средните стручни училишта по дипломирањето
Во насока на подигнување на степенот на вработување кај младите, Министерството за образование и наука почнува процес на воспоставување систем за следење на кариерите на матурантите по дипломирањето во средните стручни училишта како активност дефинирана во Стратегијата за образование 2018-2025 година.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со претставници на средните стручни училишта во државата, на која беше презентиран системот за кариерно следење на матурантите, што ќе се воведе со поддршка од фондовите на ЕУ, кои, како што рече, го поддржуваат реформирањето на нашиот национален образовен систем.
„Системот е веќе креиран и поставен на посебен портал anketi.mon.gov.mk. Ќе функционира со прибирање податоци директно од учениците по дипломирањето, како и од работодавците. Секој ученик од завршната година на образованието ќе може да пристапи едноставно со најава, да наведе воведни податоци за себе и своето средно стручно образование и потоа треба да пополни три прашалници. Еден на почетокот по регистрирањето и два во рок од 6 месеци. Компаниите пак, исто така може да се регистрираат и да пополнат прашалник во врска со нивните потреби и очекувања за вештини што учениците треба да ги поседуваат“, информира Шаќири.
Тој додаде дека оваа постапка на дипломираните ученици и на компаниите ќе им одземе малку време, а прибраните податоци ќе бидат од големо значење за Министерството затоа што ќе претставуваат база за креирање идни политики, но и од значење за училиштата за тоа како и каде напредуваат нивните ученици, што исто така може да иницира промени во интерните политики.
„Она што во моментот најмногу ни е потребно е поддршката од вас, од средните стручни училишта, во делот на промоцијата на оваа алатка, да ги запознаете матурантите што побргу со системот за следење на нивните кариери пренесувајќи им ја клучната порака дека заложбата е за обезбедување подобра иднина за нив, токму тука во сопствената земја“, рече министерот додавајќи дека очекува училиштата да постапат во согласност со насоките што ќе ги добијат и дека кај учениците ќе се развие интерес за учество во целиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

